четврток, 26 декември 2024

Се планира конзервација и санација на манастирот во Матејче и конаците на Карпинскиот манастир

Министерството за култура и туризам и Националниот конзерваторски центар ќе обезбедат средства за манастирот во Матејче и ќе ја разгледаат иницијативата на група граѓани за санација на конаците во Карпинскиот манастир, информираа денеска надлежните од двете институции при посетата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане

Објавено на

часот

Сподели

Двата сакрални објекти едниот сместен во Липковско, вториот во општина Старо Нагоричане, се исклучително важни примери на древни манастири. Министерството за култура претходните години одвојуваше средства за непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација, препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче. Поставениот оловен покривач беше ограбен пред извесен период, за што информираа, и полицијата, и епархијата. Од Националниот конзерваторски центар беа обезбедни средства за превентивно покривање на куполите и сводните површини со хидроизолационен материјал.

Директорката на Националниот конзерваторски центар, Цветанка Хаџи Пецова денеска изјави дека ако повторно постават ваков вид на покривач, тој повторно ќе биде мета на вандализам.

„Овде не е проблемот само со покривањето на црквата.  Таа и целиот комплекс се функционално и физички деградирани. Не е ревитализиран просторот, нема функција, осамен пример е на планината таму, којшто е исклучен од секаков вид на активност. Во таа смисла, ќ во најракток можен период ќе се изработо проект за препокривање со византиски тип на ќерамиди на сите тие површини. Предвидена е и реализација и министерот сигурно ќе ме поддржи во тоа дека е еден од приоритетите, освен Старо Нагоричане, да биде и црквата во Матејче“, изјави Хаџи Пецова, одговарајќи на новинарски прашања.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.

Група верници пак, во манастирскиот комплекс Карпино бараат дозвола од центарот за ревитализација на тамошните конаци. Од Националниот конзерваторски центар ги повикаа да ја достават иницијативата, да ја разгледаат и доколку проектот се вклопи во историскиот амбиент, тогаш може да се интервенира.

„Лани изработивме елаборат каде што беше дефинирано значењето, категоријата на културното наследство. Таму проблемот е од инфраструктурен карактер, пред сè поголемиот дел од дистанцата го совладуваме пешки. За оваа година немам информации, лани во годишната програма имавме за ѕидното сликарство, конаците како конаци. Ете тоа и со министерот го дискутиравме, дека тоа се придружни манастирски објекти, Ние акцентот треба да го ставиме на самото културно наследство“, изјави Хаџи Пецова.

Таа не исклучува можност и самите како стручна установа да изработат проект, но и да разгледаат доставен предлог проект доколку се вклопува во историскиот амбиент, во споменичката целина на просторот.

„Замолувам нека го повторат барањето, нека го достават повторно, па ќе биде разгледано од наша страна и ќе одлучиме како би можеле сето тоа да го изменаџираме, да го организираме зашто навистина се прекрасни примери на традиционалната архитектура. А конаците се во лоша состојба“, рече Хаџи Пецова.

Древниот манастирски комплекс Карпино во општина Старо Нагоричане, се наоѓа во атарот на селата Сув Орах, Дренак, Аљинце, Страцин, и е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период во државава и на Балканот. Тој е еден од првите кој бил заштитен со Закон за заштита на споменици на културата во раните педесетти години од минатиот век.

„Оваа установа можеби интеревенирала пред 40 години за нивна обнова. Меѓутоа нема активност, нема живот, тоа е една од главните причини поради која еден манастирски комплекс или културно добро не е активно вклучен  во современите текови. Кога нема функција, тогаш може да е изложен на пропаѓање. Ние каква и да направиме реставрација, конзервација итн. ако нема живот, ако не е активно, ако не му се даде нова намена и може да му се даде која ќе се вклопи во тој историски амбиент, тогаш за неколку години ни пропаѓа тоа. Станува деградирано тоа културно наследство“, изјави Хаџи Пецова.

Црквата Света Богородица e споменик на културата од поствизантискиот период. Првиот слој фрески датира од 1592 година, а во 1893 година покриени се со нов слој фрескоживопис. Конаците потекнуваат од XIX век. Во минатото, во манастирот имало до 300 монаси. Таму се развила препишувачка школа и во тој период манастирот бил духовно, црковно и културно јадро.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ