четврток, 20 јуни 2024

Се најавува лидерска средба, Ковачевски и Мицкоски со сосема различни ставови

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски како теми ги предложи одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи, а Мицкоски ги прифати, но исто така смета дека треба да се разговара и за тоа што после неуспех на уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ исто така смета дека доколку уставните измени се неуспешни треба да се оди на есенски избори.  

„Изборите во државата се дефинираат согласно закон и Устав. Претседателските избори се во втората половина на март, парламентарните избори се во втората половина на јуни. Ние постојано зборуваме за владеење на право, за почитување на закони, за владеење на демократија. Владеење на демократија и почитување на закони е одржување на избори тогаш кога им е време како што прават практично сите европски држави“, изјави синоќа премиерот Ковачевски. 

За најавените разговори со Мицкоски, Ковачевски кажа дека тоа се разговори за одлуки што треба да се донесат со цел остварување на стратешка цел на државата, бидејќи политичките партии и пратениците во Собранието имаат обврска и одговорност пред граѓаните да носат одлуки кои овозможуваат подобра иднина и подобар животен стандард на сегашните и на идните генерации.

„Членството во ЕУ не е цел сама за себе, членството во ЕУ е цел со која што го остваруваме она што го сакаат граѓаните. Јас неколку пати повторувам, ние сме имале поголем животен стандард и од Словачка, и од Полска и од Романија и од Бугарија и од сите земји коишто порано беа дел од Варшавскиот договор. Ние сме имале далеку поголем стандард. Денес тие држави имаат поголем стандард од нашиот. Наши граѓани одат и работат во овие држави. Тоа е единствено затоа што овие држави станаа членки на ЕУ и нивните држави се дел од заедничкиот пазар на ЕУ кој што е најголем и најбогат пазар во светот“, потенцира Ковачески. 

Во однос на тоа дали е оптимист дека процесот ќе биде успешен, премиерот рече дека, и лани кажал дека е рационален оптимист и оти работи на целта да станеме членка на ЕУ да се оствари.

На прашањето што ако не се случат уставните измени, Ковачевски вели дека „ќе го имаме истото она што го имавме од 2006 до 2016 година“. 

„Наместо интеграција ќе имаме изолација, а видовме како изгледа изолација. Без инфраструктура, заробена држава, слобода на медиуми бевме 130 место, сега сме 38 во светот, владеење на право, окарактеризирани како хибриден режим, денес медиумите за една година 19 места скок“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски информира дека за најавената лидерска средба од премиерот Ковачевски, до овој момент нема официјална покана за средба, ниту пак се знае дневниот ред или пак форматот на евентуалната средба.

Мицкоски посочи дека значајно за што би требало да се разговара на таа средба, е што по неуспехот на уставните измени, за што, како што рече, се понеизвесно е дека тие нема да се случат, затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржи.

„Она кое што е значајно да се каже, е што доколку уставните измени, кој што ги предвидува владата на ДУИ поддржана од СДСМ, не поминат. Тоа е многу важно да се каже и треба да видиме каков е планот понатаму, бидејќи ние не можеме да ја заклучиме државата, не можеме да ја заклучиме Македонија и да не знаеме што доколку не успеат. А, се поверојатно е дека тие нема да успеат. Ако веќе ги најавуваат дека ќе влезат во собраниска процедура, тоа е едниот дел од планот, но доколку не успеат, а се поизвесно е дека нема да успеат бидејќи ние, како коалиција, како ВМРО-ДПМНЕ, нашата пратеничка група нема да ги поддржи. Што правиме понатаму? Мислам дека и за тоа треба да се разговара, но претходно да почекаме, да водиме кој би бил форматот, каде би било местото, времето, денот. Практично, немаме ништо освен изјави на Димитар Ковачевски во јавноста“, истакна Мицкоски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, изјави смета дека има начини како власта и опозицијата да се договорат за уставни измени. Доколку опозицијата доаѓа со добра намера, односно со намера да најдеме решение, вели тој, мислам дека има начини.

„Доколку нема уставни измени, влегуваме во изолација наредните десет години“, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Во врска со најавената лидерска средба Маричиќ изјави дека е сигурен оти премиерот Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и нивните тимови можат да разговараат што потоа, откако ќе поминат уставните измени.

„Јас сум сигурен дека можеме да разговараме што потоа откако ќе поминат уставните измени, тоа е поважно, отколку откако нема да поминат. Доколку тоа се случи, а верувам дека нема да се случи, тогаш тој филм сме го гледале, воопшто не мора за тоа да се среќаваме, тоа е многу едноставно да се предвиди, влегуваме во изолација, во процес на темна улица наредните 10 години“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека до крајот на овој месец очекува дека барем една држава членка на Европската Унија ќе го поддржи нашиот јазик и идентитет.

„До крајот на овој месец јас очекувам дека барем една голема држава членка на ЕУ ќе направи еден политички потег со кој што јавно ќе го поддржи нашиот јазик и идентитет и кој што ќе биде една видна гаранција дека не може да се загрозува кој било јазик и идентитет, конкретно македонскиот, заради преговорите со ЕУ“, дополни Маричиќ.

Според него, доколку ги усвоиме уставните измени, Бугарија нема да блокира како до сега. Рече дека е убеден оти во процесот што следува, како што наведе, „ќе дојдеме до точка каде што најмалку 80 пратеници ќе гласаат за уставните измени“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ