недела, 27 октомври 2024

Се може ли без огномет?

Дали огнометите се неопходни за да се збогати некоја прослава, државна, верска, одбележување на свечени настани во организација на локални заедници или пак, за време на свадби и разни радосни моменти на граѓаните? Летово, кога илјадници хектари шума изгореа, од ЦУК апелираат на внимателност, а не забораваат да споменат дека ризик претставуваат и огнометите.

Објавено на

часот

Сподели

Туристи од Казахастан се забавувале на луксузна јахта. Им било убаво па посакале и спектакуларно да биде. Испукале огномет во ноќта. Се осветли небото, се осветли морето, недоизгаснати остатоци паднале во боровата шума на островот Хидра. Пламна силен оган, од бор на бор се запали овој грчки остров. Паника, пожарникари од Атина се закренаа. Канадерите ги запалија моторите. Почна евакуација на туристите. Туристичката сезоната за Хидра на стартот од летото како да заврши,  а огнометџиите завршија во затвор.

На 12 август избувна пожар во Студеничани. Завиваа сирените на скопската противпожарна бригада. Се закрена натаму и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Интервенцијата беше успешна. Пожарот не се прошири. Изгоре една плевна. Малку подоцна ќе биде соопштено дека пожарот бил предизвикан од огномет. Ангелов преку медиумите упати апел да не се користат огномети бидејќи можат да предизвикаат пожар.

Празникот во средата беше исклучително тежок за скопските пожарникари. Се запали сува трева на голема површина од кај Монополот до депото на Македонски железници. Гореа и праговите од пругите. Од двете страни на огнот згради и куќи. Што е причината, веројатно ќе се истражи, зашто не е првпат на овој простор да има пожар. Може да е од фрлена цигара, може некој нешто горел, можеби е од пиротехника, барем така велат некои од граѓаните, зашто често пати некој нешто слави.

Дента гореше и на Китка, во атарот на Општина Студеничани, во истата општина избувна шумски пожар кај Маркова Сушица и Добридол, пожар имаше и во Визбегово, крај Јадранска магистрала. Пожари беа регистрирани и на други места, а низ државата имаше речиси четириесет пожари на отворен простор. А токму тоа утро директорот на ЦУК упати апел граѓаните да бидат исклучително внимателни зашто состојбите повторно се влошени.

Но, вечерта на повеќе локации низ Скопје имаше огномети. Веројатно затоа што се славеше празникот Богородица. Кога некој од граѓаните добронамерно ќе им забележеше на лицата кои радосно ја палеа пиротехниката дека тревата е сува и дека може да предизвикаат пожар, обично добиваа одговор. „Гледај си ја работата“, или, „Нема гајле“. Кучиња лаеја од сите страни при секој огномет, зашто татнежот кај нив предизвикува страв и стрес.

Се разбира, огнометот не е опасен само затоа што може да предизвика пожар. Повредите при ракувањето со пиротехниката се чести, а можат да бидат и фатални.

И токму за празникот, МВР извести дека се случил немил настан.

„На  28.08.2024 во 22.47 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено дека С.К. (28) од  село Конопница, кривопаланечко, на градскиот плоштад во Крива Паланка, при одржување  на концерт, била повредена од огномет. С.К. се здобила со телесни повреди, констатирани во Здравствен дом – Крива Паланка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, пишува во билтенот на МВР.

За огнометите МКД.мк упати прашање до ЦУК, во контекст на кризната состојба во државата прогласена поради пожарите и исушената вегетација.

„Во повеќе наврати апелирам да не се користат огномети на прослави“,  кусо одговори директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Инаку, огнометот по дефиниција е експлозив, односно тоа е слабо експлозивно пиротехничко средство кое се користи за забавни и естетски цели, има светлосен ефект, како и звучен, бидејќи го имитира звукот на артилериски орудија. Во Википедија понатаму пишува дека огнометот може да биде опасен, да предизвика повреди и смрт, како и пожар. Поради звучниот ефект ги трауматизира домашните миленици, но и птиците кои се даваат во бегство и се повредуваат летајќи низ темницата. Во повеќето држави со закон е определено дека со огномет може да ракуваат само овластени професионалци.

Во светот добиваат на популарност тивките огномети, кои даваат само светлосен, а не и звучен ефект, а во некои држави „бучните“ огномети и се забранија, токму поради стресот кој го предизвикуваат.

Огнометот произведува чад и прашина што може да содржи остатоци од тешки метали, соединенија на сулфур и јаглен, како и некои токсични хемикали.

Токму зимата, кога според загаденоста на воздухот Скопје и други градови во Македонија беа едни од најзагадените во светот, имаше дискусии градските и државните власти де да се откажат од употреба на пиротехника за време на голем прослави. Новогодишната ноќ мина без огномет на плоштадот, но затоа граѓаните не потфрлија. Ечеше и светеше од сите страни.

А, посебна приказна се и прославите на кои се пука од огнено оружје. Пукањето е забрането, но често се пука, особено на свадби. Но тоа зрно секако некаде ќе падне.

Зарем свадба не е свадба ако не се пука? Нема ли да дојде Нова година без огномет? Или пак државен празник не може ли без огномет?

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ