сабота, 19 октомври 2024

Се крчкаат кандидатурите за претседател на државата

Само Али Ахмети, напиша вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук-профил откако во јавноста се појавија неофицијални информации дека лидерот на ДУИ Али Ахмети е можен претседателски кандидат на партијата. На листата на официјалните кандидати засега се само Билјана Ванковска на Левица, Арбен Таравари на здружената опозиција на Албанците во Македонија и Вело Марковски како независен кандидат. Се чекаат кандидатурите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Најавено е дека за десетина дена и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе ги објават кандидатите за претседател на државата. Во ВМРО-ДПМНЕ изборот ќе биде по конвенцијата на партијата. Според партиски извори главни кандидати се професорите од Правен факултет, Гордана Силјановска-Давкова и Александар Спасеновски и поранешниот претседател на МАНУ Љупчо Коцарев.

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека е добро за демократијата на државата да има повеќе претседателски кандидати.

„Мислам дека е добро и здраво за демократијата во Македонија да има повеќе претседателски кандидати затоа што граѓаните ќе имаат повеќе можности. Ценам дека со кандидатурата на Арбен Таравари, ќе биде испровоцирана ДУИ, па и тие ќе мора да профилираат претседателски кандидат“, рече Мицкоски.

Оливер Спасовски имаше голема амбиција да стане претседателски кандидат на СДСМ, но по крахот со пасошите и возачките дозволи малку е веројатно дека партијата ќе го кандидира поранешниот министер за внатрешни работи. Актуелниот претседател Стево Пендаровски во една прилика изјави дека повторно би се кандидирал само ако е консензуален кандидат, односно ако неговата кандидатура биде поддржана и од коалицискиот партнер ДУИ. Но на таа релација нешто почна да шкрипи, ДУИ почна да најавува свој кандидат, па откако Пендаровски не го потпиша указот за измените во Законот за игри на среќа, проект на Артан Груби, и таа кандидатура на социјалдемократите како да пропаѓа.

Се спомена и името на Радмила Шекеринска, но поранешната министерка за одбрана целосно ги отфрла наводите дека токму таа е кандидатот од СДСМ за прв човек на државата. „Ниту сум била, ниту ќе бидам, на сите тоа им е јасно“, изјави таа. Во СДСМ во одреден период се размислуваше и за кандидатура на Ристо Пенов, актуелен министер за локална самоуправа од Либералната партија.

Откако албанската опозиција ја објави кандидатурата на Арбен Таравари за претседател на државата, повеќе од извесно е дека и ДУИ ќе го направи истото, Најпрво се споменуваше името на Бујар Османи, кој како актуелен министер за надворешни работи како и да ги почна подготовките за кандидатурата, вчера Груби како да ја затвори оваа дискусија во партијата – Само Али Ахмети, напиша тој на својот фејсбук-профил. Во ДУИ се споменуваа и имињата на Имер Селмани, Абдулменаф Беџети и Беса Арифи.

На објавувањето на кандидатурата Таравари рече дека очекува да има европска кампања.
„Да го покажеме она што долго време го ветуваме, дека несомнено единствена алтернатива за Македонија е европскиот пат, па затоа со почит кон секој кандидат, ја водиме политичката трка. Кој и да победи, си честитаме, така што ништо лошо, само почит за секој што мисли дека треба да се кандидира за претседател“, порача Таравари на неговите противкандидати.

Ванковска, кандидатката на Левица, очекува валкана и тешка изборна трка и верува дека ќе биде во систуација „сама против сите“. Таа беше независен кандидат и пред 10 години. „Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш многу нешта се променија и овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Имам голема самодоверба бидејќи ова е вистински тим, дел од овој тим беше дел од мојот тим пред 10 години. Таа генерација на млади и борбени личности направи политичка партија за респект. За 10 години, Македонија е сѐ што немаме. За 10-те години, Македонија е во многу лоша ситуација“, рече кандидатката од Левица.

Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг, ако не се избере во првиот круг претседател, заедно со парламентарните на 8 мај. Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4 април на полноќ и ќе трае до 24 часот на 22 април.

Собирањето потписи за претседателските избори почнува на 23 февруари и трае до 8 март до 24 часот. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. Учесниците на изборите, листите со кандидат за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ