сабота, 26 октомври 2024
По предупредувањето на ЦУК за невремето во Крива Паланка и Куманово

Се излеа Крива Река, отсечено селото Тлминци, општина Крива Паланка повикува на смиреност

Објавено на

часот

Сподели

Општина Крива Паланка повика на смиреност по новонастанатата состојба и излевањето на долови и делови од Крива Река.

„Се повикуваат на смиреност граѓаните, службите од Општината се на терен, се преземаат сите мерки, целокупната расположлива механизација од општинските служби и од приватни фирми, кои се одѕваа на повикот на градоначалникот, е на терен. Состојбата е под контрола, повикуваме сите граѓани да останат смирени и крајно внимателно да се однесуваат и да постапуваат, особено во реонот по десниот брег на течение на Крива Река, како и во реоните каде што има појава на свлечишта. Да не се користат пешачките мостови, а т.н. ‘Осички мост’ е затворен за сообраќај“, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Дојдено е до поголемо излевање на повеќе долови, а надојдените водотеци,  долови и буици предизвикаа излевање на Крива Река.

поплава

Службите информираат дека со пумпи се врши испумпување вода во неколку куќи кај местото викано Тополки кај населбата Мизовски Ливади, а кај градскиот базен постои опасност од излевање на реката. Водите на Крива Река однесоа повеќе пешачки мостови кај Пашина Воденица и таканаречениот Карчов Мост, спроти градскиот пазар.

Сите служби се мобилизирани, механизација е на терен, а според информациите од Општинскиот кризен штаб, водостојот на реката се намалува, но сѐ што е потребно се работи на терен и формирани се тимови од општината кои се распоредени итно на сите критични локации.

Од ЦУК информираат дека водата се намалува, но одредени мостови, како Шаров Мост, не се препорачливи за поминување, заради поткопување на брегот, па не се дозволува поминување по него. Затворени се превентивно три моста.

На бројот 112 е пријавена опасност од излевање на вода на пат. Во Домачки Дол се интервенира со една машина. Со една машина се интервенира и во населба Бегови Бавчи.

„Пријава за постоечка опасност за поплавување на новоизградени куќи и објекти има на локација улица Глигор Прличев 35, Крива Паланка (под ветеринарна станциа К.Паланка) ,старото име на улицата е Св .Јоаким Осоговски. Поплавена куќа има и во место викано Толинци кај Пролетер во Крива Паланка во куќата има луѓе кои треба да се евакуираат. Отсечено е село Тлминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот. ТППЕ Крива Паланка и ДЗС Крива Паланка во моментов се на испумпување на вода од семејна куќа на место викано Тополки. Пријава има  и дека има надојдена вода во долот од гробиштата на кај патот што оди за село Конопница веќе водата зафаќа куќи . Надојдени се водите на Куков Дол и моментално се работи со машина“, информираат од ЦУК.

Кај место викано над Базен има излевање на водите на Крива Река. Екипите на Македонијапат се излезени на терен и работат на расчистување на свлечиштето и нормализирање на сообраќајот.

Заседаваше кризниот штаб на Крива Паланка од каде информираа дека контактирале со градоначалникот на општина Ранковце кој што ги известил дека е на терен со надлежните локални служби и ја следат состојбата на лице место и засега нема никакви опасности, нема пријавено поплавено земјиште и поплавени објекти и дека ќе биде пратена градежна машина на критичните места како мостот на Крива Река.

Сите настанати штети, но и состојби од терен со излевање или појава на свлечишта да се пријават кај лицето за контакт од Општина Крива Паланка, Даниела Велковска, на телефон, 075 229 000.

Информирани се надлежните институции, а директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов веќе е на терен во Крива Паланка.

ангелов

Невреме со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Куманово и Кумановско, предизвика поплавување на улиците во централното кумановско градско подрачје, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја.

„Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ интервенираа на повеќе локации, ги чистат јавно прометните површини и ги санираат последиците“, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Во текот на денот ЦУК испрати известување според податоците од УХМР, дека на хидролошката станица на Крива Река во Крива Паланка е забележан висок водостој. -Предупредуваме за можност од излевање во сливот на Крива Река заедно со нејзините помали притоки пред влив во Пчиња. Излевањето може да зафати делови од атарите на населените места, како што се Конопница, Псача, Опила и подолу Клечовце и Стрезовци пред вливот во Пчиња, пишуваше во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ