„СДСМ уште при предложувањето на буџетот предупреди дека ќе биде најгломазен и најраспинички во историјата, но без средства за работниците и нивните плати. За жал, тоа се покажа како точно,“ изјави Кузеска.
Кузеска истакна дека, и покрај огромниот буџет, власта продолжува со задолжувања, дополнително оптоварувајќи го грбот на граѓаните. Таа посочи дека во последните три месеци владата позајмила над 200 милиони евра, вклучувајќи задолжување од 500 милиони евра од Унгарија, како и 128 милиони евра преку државни записи и обврзници и 73,7 милиони евра од домашни кредитори.
„Овие долгови ќе ги плаќаат идните генерации, додека работниците се оставени со исти или пониски примања, а животниот стандард опаѓа,“ додаде Кузеска.
Според СДСМ, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат зголемени трошоци за живот за 4,4% и раст на цените на основните производи за 4,3%. Кузеска истакна дека работниците живеат сè потешко, а куповната моќ на граѓаните се намалува.
„Мицкоски и власта целосно потфрлија на најважната тема – животниот стандард на граѓаните. Тие го напуштија системот за зголемување на платите што го воспостави СДСМ, со што директно придонесоа за влошување на положбата на работниците,“ обвини портпаролката.
СДСМ повторно го потенцира својот предлог за минимална плата од 500 евра, како неопходен чекор за справување со зголемените трошоци за живот. Кузеска обвини дека власта го игнорира овој предлог, што дополнително ја влошува состојбата.
„Власта се фокусира на удобноста на функционерите, нивните високи плати, скапи автомобили и луксузен мебел, додека работниците се оставени сами на себе,“ заклучи Кузеска.
СДСМ најавува дека нема да се откаже од борбата за правата на работниците и подобрување на животниот стандард. „Граѓаните заслужуваат подобро, заслужуваат поголеми плати и достоинствен живот,“ истакна Кузеска.