четврток, 6 март 2025

СДСМ: Владата има за авион, а нема за минимална плата – поднесуваме закон за зголемување на платите

По изјавата на премиерот Мицкоски дека во буџетот нема планирано средства за зголемување на платите, од опозициската СДСМ се огласија со реакција и најава дека ќе поднесат предлог-закон за зголемување на платите и на минималната плата на 500 евра.

Објавено на

часот

Сподели

„Мицкоски ја прокоцка и последна шанса да покаже минимум почит кон граѓаните и трудот на работниците кои живеат многу тешко и едвај врзуваат крај со кај.

Денеска и дефинитивно Мицкоски потврди дека е против зголемување на минималната плата за работниците и дека власта на ДПМНЕ нема да преземе ништо за да се покачат платите.

Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека илјадници работници живеат во сиромаштија, владата на ДПМНЕ има пари за авиони и привилегии за функционерите, но не и за зголемување на минималната плата.

Денеска, Мицкоски дефинитивно потврди дека е против раст на платите и против достоинствен живот на работниците. Со тоа, уште еднаш покажа дека ДПМНЕ нема никаква намера да ги поддржи работниците, туку исклучиво да се грижи за елитата.

Како тоа има пари за авиони за Владата, а нема пари за 500 евра минимална плата?

Како е можно од најголемиот буџет во историјата, од 6 милијарди евра да нема пари за поголеми плати на работниците?“, прашуваат од СДСМ.

Понатаму, од опозициската партија додаваат дека „додека економската состојба во државата драстично се влошува и животниот стандард паѓа, Мицкоски останува рамнодушен и мува не го лази“.

„Растот на минималната плата не е само економска неопходност, туку морална обврска!

Покачувањето на платите е единствениот начин да се спречи понатамошното осиромашување на граѓаните и да се овозможи економски напредок.

СДСМ стои на страната на граѓаните и на работниците. Затоа, најавуваме поднесување на закон за зголемување на платите и минималната плата на 500 евра. Работниците заслужуваат достоинствена плата и сигурна иднина“, порачуваат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ