„Шест месеци откако ДПМНЕ ја презеде власта, се чуствува голема економска несигурност, намалување на животниот стандард на граѓаните и нивно осиромашување. Сметките растат, цените растат, а Владата со лажни кошнички и измами се обидува да ги излаже луѓето дека нешто прави.
Реалноста е сосема друга од онаа која сака да ја презентира Мицкоски, а граѓаните тоа најдобро го знаат кога ги отвараат паричниците во кои имаат се помалку пари. За жал, оваа Нова година тие ќе ја дочекаат многу поскромно и понесигурно. Политиките на Мицкоски јасно покажуваат дека тие се насочени кон заштита на интересите на елитата, додека најголемиот дел од граѓаните трпат.
Последните податоци покажуваат дека минималната синдикална кошница за месец декември е зголемена за 840 денари и изнесува 62.861 денари. Ниту две минимални плати веќе не се доволни за основните потреби на луѓето. Владата дозволи трговците да ги зголемат цените, што е директна последица на нивната неспособност и недостаток на соодветни мерки. Наместо санкции, слушаме само апели и празни зборови.
Во изминатите шест месеци нема раст на минималната плата, просечната плата стагнира, а добро воспоставениот систем за зголемување на платите од времето на СДСМ е целосно напуштен. Ова доведе до полош животен стандард денес, иако кризите од претходните години се зад нас. Дополнително, Владата на ВМРО-ДПМНЕ најавува мерки кои дополнително ќе го влошат животот на граѓаните: укинување на „недела неработен ден“, зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на ДДВ на 19,5%. Овие политики се директен удар врз работниците и граѓаните.
ДПМНЕ уште еднаш покажува дека нивниот приоритет не се граѓаните, туку нивните бизнис интереси“, се вели во денешното соопштение на СДСМ.