„Во текот на изминатите два месеци сведоци сме како владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го крева патриотскиот занес и без срам се фали со проекти и инвестиции кои всушност, Владата на СДСМ ги започна и реализира. Срамно е да се живее од туѓи успеси и со празни зборови да се кријат сопствените неуспеси. Последната инвестиција на германската БМЗ е последната од низа инвестции целосно сработени од СДСМ кои Мицкоски се обиде да ги прикаже како свои, па откако јавноста реагираше, тој конечно мораше да признае дека инвестцијата е донесена во времето на СДСМ, а потпишана од тогашниот вицепремиер Фатмир Битиќи“, реагира СДСМ.
Битиќи пак, кој и вчера реагираше дека токму тој ја договорил инвестицијата, денеска на својот фејсбук-профил како доказ прикажа еден од медиумските наслови од минатата година и саркастично забележа: „Можевте да викнете на дружба“.
Во соопштението на СДСМ понатаму се вели дека она што СДСМ го остави зад себе, новата власт сега го користи како параван за да го прикрие својот недостиг од визија, неспособност за водење и неможност да обезбеди каков било вистински напредок.
„Претходно Мицкоски се пофатли и фрли неколку лопати на проекти исто така целосно реализирани од СДСМ како: инвестицијата на компанијата Епсотек, новата инвестиција на компанијата Вабтек, најавената инвестиција на Алказар енерџи… Наместо да работат на нови проекти и вистински промени, тие се занимаваат со рециклирање и лажен ПР со нашиот труд. Јасно е дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема идеи, нема план, нема визија. Ако не можат да создадат нешто свое, барем нека имаат доблест да признаат чиј труд го присвојуваат. Но, нивниот менталитет е таков – без трошка доблест, без трошка одговорност. Секој ден сведочиме на нова прес-конференција, нови пофалби за туѓи успеси, и, за жал, сè помалку работа во интерес на граѓаните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ треба да престане со евтините пропагандни манипулации и да се фокусира на она што е навистина важно – решавање на реалните проблеми на граѓаните. Народот бара решенија, а не празни зборови и украдени заслуги“, се вели во реакцијата.