„Не треба да се оди назад во демократските процеси. СДСМ останува на ставот дека претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните.
Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност. Претседателот на државата е човек кој е над партиските и над етничките определби, ги претставува сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, сите.
Само претседател избран директно од страна на граѓаните има толку широк потенцијал, да може да делува во обединување на општественото, на граѓаните, на партиите и да допринесе за остварување на врвните стратешки и национални цели“, се вели во реакцијата на СДСМ на предлогот на ДУИ шефот на државата да се избира во Собранието на Македонија.