вторник, 22 октомври 2024
Интерпелацијата против Гаши нова причина за препукувања помеѓу партиите

СДСМ обвинува за замижување пред правдата, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ ја штитело Османи кога ги избегнувала правилата на скопскиот аеродром

Интерпелацијата против претседателот на Собранието, Африм Гаши што вчера ја поднесе Левица денеска беше нова причина за препукувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој почесно владее или владеел. СДСМ го обвини министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за замижување пред правдата, а ВМРО-ДПМНЕ објави полициски извештаи во кои е забележано дека косовската претседателка Вјоса Османи во 2023 година на два пати се обидела да ги прескокне безбедносните проверки на скопскиот аеродром.

Објавено на

часот

Сподели

Од СДСМ сметаат дека премиерот Христијан Мицкоски ги погазил своите ветувања дека секој функционер кој се огреши од законот ќе одговара.

„Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена ‘незаконска наредба од страна на Претседателот на Собранието’. Треба ли поголем доказ од ова? За жалење е и министерот Тошковски кој наутро во извештајот пишува незаконска наредба од Гаши, а вечерта го брани дека немало основа за кривична одговорност. Сѐ што е спротивно на законот носи правна одговорност и ова е класично замижување пред правдата со цел да се спаси коалицијата. Сѐ она за што ВМРО-ДПМНЕ го обивнуваше СДСМ, сега самото ДПМНЕ го прави во двојно поголеми размери“, пишува во соопштението на СДСМ.

Оттаму го повикаа Мицкоски да се одважи и да го смени Гаши. Според партијта само така ќе докаже дека стои на својот збор за одговорност на политичарите, во спротивно му порачаа „да замолчи засекогаш на оваа тема“.

Од ВМРО-ДПМНЕ одма ѝ вратија на СДСМ дека никој не е над законот и за обезбедувањето на Гаши има кривична пријава. Од владеачката партија тврдат дека додека СДСМ и ДУИ беа на власт во два наврати косовската претседателка Вјоса Османи кршела процедури и протоколи, а МВР тогаш молчело.

Од ВМРО-ДПМНЕ објавија делови од два полициски извештаи од 16 септември и девети октомври 2023 година во кои меѓу другото пишува дека косовската делегација одбила да ѝ биде проверен багажот на Османи, но и тоа дека авиопрвозникот одбил да полета додека не биде извршена безбедносната контрола.

„Во делови од записникот од 16 септември 2023 година пишува дека по доаѓањето до ВИП секторот, меѓу одговорниот за протоколот на делегацијата и службата за безбедност на аеродромот, дошло до недоразбирање бидејќи истиот, повикувајќи се на дипломатскиот имунитет на претседателката, не се согласил личниот багаж на претседателот на Косово да се провери на скенер. Истата ситуација се повтори и на деветти октомври. Косовската страна тврди дека благодарение на дипломатскиот имунитет, багажот на претседателот не треба да се проверува. Откако стигнале до ВИП-секторот, на одговорното лице за безбедноста на делегацијата и раководството на протоколот од косовската делегација било кажано дека не се согласуваат личниот багаж на претседателката на Косово да влезе во контролата на скенерот. Причините за тоа се засноваат на дипломатскиот имунитет на претседателката. Од страна на капетанот на летот и претставник на Кроација ерлајнс, повикувајќи се на меѓународните стандарди и националната програма за безбедност, истакнато е дека додека не дозволат проверка на багажот, истата нема да биде прифатена на летот. Тогаш МВР молчело, а СДС и ДУИ биле на услуга на кршењето на законите. СДС со чаршав соопштенијата си пука во слепоочница“, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ