сабота, 19 октомври 2024

СДСМ ќе поднесе амандман за случајот Монструм, најави премиерот Ковачевски

Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман на предлог-законот за амнестија, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на градинката „13 Ноември“ во општина Центар по повод „Недела на детето“. Ковачевски не прецизираше на кои случаи мисли, но тој претходно јавно кажа дека ако има можност тогаш СДСМ ќе поднесе амандман за амнестирање на дел од осудените во случајот Монструм. Ковачевски уште рече дека предлог-законот за амнестија бил работен неколку месеци и бил испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој уште кажа дека предлог-законот не е правен за личности, а намерата е да се растоварат пренатрупаните затвори.

Објавено на

часот

Сподели

Новиот закон за амнестија, како што кажа, не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем кои се наведени во законското решение.

Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решение кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат, рече Ковачевски.  

Тој тврди дека не е точно дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не го виделе предлог-законот за амнестија.

Законот беше работен неколку месеци и беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. За законот има различни мислења од кои дел се водат од хумани, а дел од рационални причини, рече Ковачевски.

И да се направат сите потребни објекти за осуденици, посочи премиерот, за една недела повторно ќе фалат места.

Затоа дел од пратениците и министрите со кои сум разговарал велат дека треба да има стратешки пристап кој според мене треба да се состои од три дела. Првиот дел е инвестирање во нови објекти. Второ е користењето на пробацијата која беше воведена во 2017 година кога четири лица беа предмет на пробација, а денеска се 450 и третиот е воведување на електронски алки за оние кои може да издржуваат казна во домашни услови, рече Ковачевски.

Финалната форма на законското решение, како и дали ќе се донесе, посочи, ќе зависи од начинот на кој ќе биде образложено во Собранието од министерот за правда и од различните мислења, идеи и искуства од претходно донесениот ист закон во 2018 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ