вторник, 22 октомври 2024

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со обвинувања кој го краде енергетскиот сектор

Енергетски картел при јавни набавки е нов скандал со фирми кои се поврзуваат со министерката за енергетика Сања Божиновска, обвини денеска на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. На ова веднаш вратија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа од СДСМ и ДУИ да кажат кој од нивниот врв зел 14 милиони евра долг кој му беше отпишан на синот на поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери и на уште неколку други фирми.

Објавено на

часот

Сподели

Повикувајќи се на медиумски написи од СДСМ велат дека фирмите од кои била дел и Божиновска имале пријави од македонските институции за незаконско работење и малеврзации.
„Во 2014 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за заштита на конкуренцијата повела постапка за забранет договор – картел при јавни набавки и донела решение за казни. Фирми кои дел се поврзуваат и со Божиновска, формирале енергетски картел. Со намера да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во 2012 година и да профитираат. И тоа не се случило еднаш, 11 пати биле прекршувањата. За дел од овие фирми кои склучиле картел и Царинската управа открила затајување данок во износ од 1,8 милиони евра. Ова е вмровска шема во енергетиката како во мафијашки филм. Со картели. Само наместо фавели има бел дворец“, рече Кузеска.
Од СДСМ се сомневаат, рече таа, дека преку слични шеми се планираат малверзации и заработки од страна на премиерот Христијан Мицкоски и министерката Божиновска и дека токму тоа е причината за создавање на новото министерство.
На ова веднаш вратија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа од СДСМ и ДУИ да кажат кој од нивниот врв зел 14 милиони евра, „долг кој претходното раководство на МЕПСО му го отпиша на синот на поранешниот вицепремиер и мминистер Муса Џафери и на уште неколку други фирми“.
„Државата не отпишала долг од 14 милиони евра на никого освен на блиските фирми на СДС и ДУИ кои увезуваа струја. Следен пат кога СДС ќе зборуваат за долгот на фирмата каде министерката Сања Божиновска била содружник, кој не е отпишан, како тој на синот на Муса Џафери и други ним блиски нека го прашаат Филипче како брат му се стекна со фотоволтаична централа и со кого ја изградил? Нека прашаат и кај Ковачевски како со одлука на Влада ѝ даде земјиште на сопругата да гради фотоволтаици, нека видат и кај Ахмети. Не знаеме дали СДС имаат малку срам за своите постапки, но знаеме дека ќе одговараат, а тоа го знаат и тие, и затоа стравот е голем“, вратија на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ