недела, 12 јануари 2025
Државниот завод за ревизија објави извештај за работата на партиите

СДСМ и ДУИ со неуредни членарини, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ без дорегулиран имот, Алтернатива со вистинит приказ за работата

Објавено на

часот

Сподели

Што се однесува до членарините Со ревизијата за 2021 година за СДСМ, ДЗР утврдил дека парите за членарина од секоја општинска организација СДСМ ги уплатувала директно на трансакциската сметка во вкупен износ за сите поединечни уплати, а не одделно за секоја уплата.

„Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства, по наведениот основ, која состојба овластениот државен ревизор во континуитет ја истакнува во конечните извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на СДСМ од претходни години“, навеле ревизорите.

ДУИ пак, имала уплата на сметка на членарина повеќе од тоа што дозволува законот. Според законот, висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во претходната година. 

„Со извршениот увид во одредбите од Одлуката, со која се уредува начинот и висината на средствата по основ на членарина утврдивме дека истата е утврдена во висина од 5 отсто од платата на избраните и именувате лица од ДУИ. Имајќи го во предвид вака утврдена висина на членарина, констатиравме дека и во 2021 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 279 илјади денари, што не е во согласност со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии“, пишува во извештајот на ДЗР.

ДЗР утврдил и неусогласеност на сметките на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во однос на прикажаниот имот.

За СДСМ, ревизорите утврдиле дека за дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата, не e решен сопственичкиот статус, поради што тие не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата, а за ВМРО-ДПМНЕ констатирале дека забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведената судска постапка влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба.

Дополнително, кај ВМРО-ДПМНЕ се констатирани и неизмирени обврски спрема добавувачите кои потекнуваат од минати години и за структурата на изворите на финансирање од аспект на учеството на приватните и јавните извори на финансирање.

„Ревизијата изврши анализа на доставената документација и склучените спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со добавувачите за периодот 2018 -2021 година со кои одговорното лице на ВМРО-ДПМНЕ има склучено договори/спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со 21 добавувачи, во вкупен износ од 184.276 илјади денари, врз основа на кои заклучно со 31.12.2021 година исплатени се средства во износ од 43.672 илјади денари. Со 8 добавувачи во целост се регулирани обврските согласно склучените договори/спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски, а заклучно со 31.12.2021 година останати се неизмирени обврски во вкупен износ од 140.605 илјади денари“, пишува во ревизорскиот извештај.

Што се однесува до финансиското работење на Алтернатива, Државниот завод за ревизија констатирал дека финансиските извештаи ја прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на сметката за редовно работење на партијата.

Во извештаите, ДЗР забележал и слабости во Изборниот законик во делот на финансирање на изборна кампања, но бара и допрецизирање на законот за финансирање на партиите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ