„Сигурноста и претпазливоста се најголемиот фактор за бизнисот. Во моментов воопшто не ни е тема за размислување безбедноста на капиталот. Едноставно размислуваме да се развиваме, да ја прошируваме компанијата, да инвестираме во нови погони и во нови производи и да се пробиваме на нови пазари“, истакна Наумоски, директор на една од најголемите извозно ориентирани и производствено позиционирани компании во Македонија, која со континуираната бизнис-стратегија е присутна на пазарите во 60 земји во светот, а нејзиниот производ „Стоби флипс“ е бренд со 60 % пробиеност на надворешните пазари.
„Кај нас се работи на стабилен извоз и на стабилно планирање. Ние немаме скокови ниту во извозот, ниту во домашниот пазар. Филозофијата на нашата компанија е полека да растеме, полека да ги освојуваме пазарите и да бидеме стабилни на тие пазари“.
Сашо Наумоски дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, а подоцна и магистрирал на истиот факултет. Својата професионална кариера ја започнал многу млад како трговски патник во приватниот сектор, а подоцна ја основал сопствената приватна фирма „Салида“. Во прехранбената индустрија влегол со вработувањето во „Витаминка“, каде што работел на различни позиции, а подоцна станал и нејзин генерален извршен директор, позиција на која работи и денес.
Во разговорот со претседателот Азески, Наумоски ја истакнува важноста на Стопанската комора, која како институција многу значи за компанијата „Витаминка“ бидејќи претставува потпора за сите движења на стопанството и мост за балансирање на потребите на бизнисите со реалните економски случувања, а дава и решенија за надминување на проблемите. Според него, обединувањето на компаниите е една од најголемите вредности на Комората, а оттаму произлегува и другата нејзина вредност – моќта да влијае и да носи промени, затоа што Комората не е само застапник на интересите на бизнис-секторот, туку и го институционализира гласот на бизнисот и го става во концепт доволно силен и моќен да ги издејствува потребните промени и да се спротивстави на сите пречки.
„Комората значи премногу за бизнисот во Македонија. Сè што сакаме да артикулираме и да кажеме во однос на недостатоци во работењето во Македонија и за одредени промени ние го кажуваме преку Комората; сè што ни требало за странските пазари информациите сме ги добивале од Комората; сè што ни требало од едукации го имала Комората и сме го користеле максимално. Ние гледаме дека нашиот успех е многу поврзан со Комората. Голем дел од нашите резултати се должат на блиската соработка со Комората“, потенцираше Сашо Наумоски.
Од 2015 година е потпретседател на Стопанската комора на Македонија и според него стопанството треба да го добие своето место во целосниот напредок на земјата, а Комората е таа што го води бизнис-секторот низ потребните промени.
Во 2023 година станал почесен конзул на Украина во Македонија.