Саша Илиќ доаѓа на позицијата тренер на голманите која неодамна ја испразни Томе Пачовски кој реши да си замине од репрезентацијата.
„Благодарност за укажаната доверба. Имам мотив и доволно искуство преку работа во репрезентацијата да придонесам за напредок на тимот. Целосно ги разбирам предизвиците со кои се соочуваме во овие чувствителни моменти и подготвен сум да помогнам. Ги познавам голманите во тимот, имаме квалитет, а наша заедничка цел е да бидат подобри и постојани во настапите“, вели Илиќ.
Од репрезентацијата си замина и Никола Глигоров кој во стручниот штаб на Милевски беше асистент задолжен за видео анализа на натпреварите.
„Улогата на асистент во стручниот штаб ја извршував со многу гордост, амбиција и оптимизам. Впрочем, како што тоа го правев и во годините кога настапував и како фудбалер. Му благодарам на селекторот Милевски за довербата. На сите во тимот им посакувам многу среќа и успех. Од мене секогаш ќе имаат максимална поддршка за да ги постигнат резултатите кои сите ги посакуваме“, рече Глигоров.