сабота, 27 јули 2024

Сарај ќе избира градоначалник, Беџети се „пресели“ во парламентот

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кому вчера му беше верификуван пратеничкиот мандат, синоќа ги извести жителите на Општината дека избрал да ѝ се посвети на пратеничката функција. Поради тоа, во Сарај ќе треба да се организираат избори за градоначалник.

Објавено на

часот

Сподели

„Почитувани граѓани на Општина Сарај и пошироко, ве информирам дека од денес започнува моето ново патување како пратеник, ваш глас во Собранието на Република Северна Македонија.

Ви благодарам што ме поддржавте на локалните избори за да ја раководам Општина Сарај и ви благодарам што и сега ме поддржавте за да ве претставувам во Собранието. Ветувам дека ќе бидам глас на волјата на народот и ќе докажам дека легитимитетот од албанските гласачи му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме да бидеме обединети за добро на граѓаните, за европска држава и за подобар економски развој“, напиша Беџети на Фејсбук.

Беџети, како што можеше вчера да се забележи на конститутивната седница на Собранието, седеше веднаш до лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Инаку, Блерим Беџети е и поранешен министер за правда и висок фунционер на ДУИ. Тој минатата година беше еден од лидерите на „огнената група“ на ДУИ која побара реформирање на партијата излегувајќи со критики кон раководството на партијата. По извесно време тој се одалечи од „огнените“ предводени од Изет Меџити и, објавувајќи фотографија со лидерот на интегративците Али Ахмети, ја соопшти одлуката дека се враќа во „старото јато“ велејќи дека низ разговор се надминати недоразбирањата. По негови стапки тргна и Муса Џафери, некогашен вицепремиер, кој исто така ги напушти „огнените“.  Од „огнените“ се создаде Деморатско движење кое стана дел од опозициската коалицијата Вреди, сега веќе извесно, коалиција во власта.

За разлика од Беџети, лидерот на Беса и еден од лидерите на Вреди и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, избра да остане на чело на Општината и за тоа достави изјава до Собранието дека се откажува од пратенчкиот мандат, додека пак градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари извесно е дека ќе биде министер за здравство.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ