петок, 26 јули 2024

Покрај Сарај, извесно е дека и во Гостивар и Аеродром ќе се избира градоначалник

Парламентарните избори завршија, Собранието вчера ги потврди мандатите на новите пратеници, но Државната изборна комисија (ДИК) повторно ќе мора да организира избори, но овој пат, предвремени локални избори откако дел од градоначалниците беа избрани за пратеници. Засега е извесно дека нов градоначалник ќе добие општина Сарај откако Блерим Беџети се изјасни дека се откажува од градоначалничката функција и во селедните четири години ќе биде пратеник во Собранието. Нови градоначалници може да добијат и жителите на општините Аеродром и Гостивар затоа што, иако не станаа пратеници сепак градоначалниците Тимчо Муцунски и Арбен Таравари се споменуваат како идни министри во новата Влада.

Објавено на

часот

Сподели

Иако Собранието вчера ги потврди мандатите на новите пратеници, сепак новиот парламентарен состав сѐ уште не е целосно екипиран, а Државната изборна комисија (ДИК) ќе треба да организира нови избори, овој пат предвремени локални избори. Засега е извесно дека нов градоначалник ќе добие Општина Сарај откако првиот човек на оваа скопска општина, Блерим Беџети се изјасни дека се откажува од градоначалничката функција и во следните четири години ќе биде пратеник во Собранието.

Еден човек, а две функции е забрането со закон

Ниту градоначалникот на Тетово, Билал Касами ниту градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети кои беа избрани за пратеници не можат во исто време да бидат градоначалници и пратеници во Собранието. Според Изборниот законик (ИЗ), функцијата пратеник е неспоива со функцијата градоначалник.

„Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспоива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието и Владата. Функцијата пратеник е неспоива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и градот Скопје“, предвидува Изборниот законик.

Поради ова градоначалникот на Тетово, Касами, вчера до собраниската Комисија за верификациската достави изјава дека се откажува од функцијата пратеник и дека останува да ја извршува градоначалничката функција. Ова значи дека во општина Тетово предвремени локални изброри нема да има.

Но затоа предвремени градоначалнички избори ќе има во Општина Сарај.

Градоначалникот Блерим Беџети на својот официјален фејсбук профил напиша дека ја прифаќа функцијата пратеник и им се заблагодари на жителите на општина Сарај за досегашната поддршка.

„Почитувани граѓани на Општина Сарај и пошироко, ве известувам дека од денеска започнува моето ново патување како пратеник во Собранието. Сакам да ви се заблагодарам на сите што ме поддржавте на локалните избори да бидам на чело на општина Сарај и сега да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме да бидеме обединети за најдоброто за граѓаните, за европска земја и за подобар економски развој!“, напиша Беџети на фејсбук.

Според Законот за локална самоуправа Советот на општината е должен во рок од 15 дена да го извести Министерството за локална самоуправа дека мандатот на градоначалникот Беџети престанал поради негов избор за пратеник.

„Членот на Советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на престанокот на мандатот е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа. Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето ја известува Владата, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите за престанок на мандатот и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон“, пишува во Законот за локална самоуправа.

Откако Владата ќе ја објави одлуката, Советот на Општина Сарај во рок од 30 дена ќе треба да избере еден од членовите на Советот да го заменува градоначалникот сѐ додека не биде избран нов.

И во Аеродром и во Гостивар се можни предвремени избори за градоначалник

Градоначалниците на општините Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари не учествуваа на парламентарните избори и не станаа пратеници, но сепак и овие две општини е можно да добијат нови градоначалници. Сѐ ќе зависи дали Муцунски и Таравари ќе бидат дел од новата Влада. Иако од ВМРО-ДПМНЕ не потврдуваат, сепак, името на Муцунски се споменува како иден министер за одбрана или за надворешни работи. Гостиварскиот градоначалник Таравари пак не крие дека сака да биде дел од идната извршна власт, но сѐ уште не кажува дали тој е новиот министер за здравство.

Доколку и Муцунски и Таравари станат министри, велат од ДИК, тогаш Државната изборна комисија ќе мора да организира предвремени избори за градоначалници и за овие две општини покрај Сарај.

Иако нема да се пратеници туку министри сепак за распишување на предвремени локални избори во овие две општини важат истите правила од Законот за локална самоуправа и од Изборниот законик што важат и за организирање предвремени локални избори при избор на градоначалник за пратеник како што е случајот со Општина Сарај.

Македонија има искуство со предвремени локални избори

Ова не е прв пат во Македонија да се организираат предвремени избори за градоначалници. Пред нецели две години предвремено се бираа градоначалници на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа бидејќи два пати претходно не успеа да се обезбеди цензус од една третина излезност на гласачите.

Предвремени локални избори беа организирани и во 2020 година кога нови градоначалници добија Штип и Пласница, затоа што тогашниот штипски градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски од Пласница стана пратеник од ДУИ.

Пред истекот на рокот избори за градоначалници имаше и во 2019 и тоа заедно со претседателските избори. Тогаш нови градоначалници без ибрани во Охрид и Дебар поради смрт на дотогашните градоначалници – Јован Стојаноски и Ружди Љата, и во Ново Село поради оставката на Боро Стојчев кој беше осуден на казна затвор за шверц на цигари.

Во изминатите пет години во седум општини беа спроведени предвремени локални избори кои според Изборниот законик се организираат секоја четврта година во втората половина од октомври но само ако до крајот на мандатот на градоначалникот има повеќе од шест месеци како што е тоа во овој случај. Следните редовни локални избори треба да се одржат во октомври 2025 година.

Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ