среда, 8 јануари 2025

Сараево повторно одби прелетување на српски воен хеликоптер на Денот на Република Српска

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез го одбил денес барањето на Србија на воено летало на таа држава да ѝ се дозволи користење на воздушниот простор на БиХ на 8 и 9 јануари, со објаснување дека не сака Белград на тој начин да учествува во одбележувањето на Денот на Република Српска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Барањето за согласност која е нужна во вакви случаи до министерството за одбрана на БиХ го испратила српската амбасада во Сараево по најавата дека речиси сите министри на српската влада, предводени од премиерот Милош Вучевиќ, ќе отидат во Бања Лука. Тие таму ќе бидат во среда и четврток кога властите на Република Српска ќе го одбележат 9 јануари.

„Ова прелетување на хеликоптер на Србија и посетата на делегација од министерството за одбрана на Србија несомнено упатува на заклучок дека намерата е да се учествува во настаните поврзани со одбележување на 9 јануари, кој во 2015 и 2019 уставниот суд на БиХ го прогласи за неуставен. Непочитување на одлуките на уставниот суд во сите демократски држави претставува поткопување на владеењето на правото, а освен тоа во Босна и Херцеговина е и потенцијално кривично дело“, изјави Хелез.

Во Бања Лука властите на Република Српска за утре планираат свечена академија, а за четврток ја најавија вообичаената парада во која ќе учествуваат припадниците на ентитетската полиција.

Деветти јануари во Република Српска е ден на сеќавање на тој ден во 1992 година, кога пратениците од српска националност во собранието на тогашна Социјалистичка Република Босна и Херцеговина прогласија формирање „република на српскиот народ“ во БиХ, како крајна цел дефинирајќи го обединувањето на РС со Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ