Просечните дневни вредности на честичките ПМ10, кои главно содржат железо, алуминиум и силикати, а настануваат поради греењето на цврсти горива и издувните гасови на возилата и индустријата, достигнаа рекордни вредности на пет мерни станици, извести кантонот Сараево.
Тоа е двојно повеќе од концентрациите на загадувачки супстанци во Дака (Бангладеш) и Њу Делхи (Индија), кои се на второ и трето место. Индексот на квалитетот на воздухот во Сараево во моментов изнесува алармантни 368, ставајќи го градот во категоријата „ризичен“.
Тоа значи дека влијае на здравјето на сите луѓе кои се движат на отворено. Според извештаите на стручните тела на Сараево, освен високата концентрација на честичките ПМ10, во последните три дена се бележат и надминување на дневните максимални вредности на сулфур диоксид.
За да го заштити здравјето на граѓаните, владата на кантонот Сараево воведе дополнителни мерки за ограничување. Забрането е возење на возила со мотори Еуро 3 и пониски во потесната градска зона, а наложено е и привремено сопирање на технолошките процеси кои произведуваат прашина, каде што тоа е технички изводливо.
На работодавците им е препорачано организирање на работата од дома, додека капацитетите на јавниот превоз кој не ја загадува животната средина се зголемуваат. Промена на временските услови која може да влијае на квалитетот на воздухот се очекува дури во четврток, но кантонот Сараево предупредува дека е неизвесно дали тоа ќе доведе до значително подобрување.
Власта апелира до граѓаните да го минимизираат престојот на отворено и да избегнуваат физички активности надвор. Заводот за јавно здравство на кантонот Сараево објави детални здравствени препораки за населението подобро да се заштити од негативните последици на загадувањето.