сабота, 27 јули 2024

Санчез ги укинува „златните визи“ за богатите странци

Шпанската левичарска влада одлучи да ја стопира програмата за златни визи за инвеститорите во недвижности од трети земји за да ја олесни станбената криза. Целта е да се запре посредувањето со недвижности, изјави вчера премиерот Педро Санчез во Севиља.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе ги преземеме неопходните мерки за да се осигуриме дека домувањето е право, а не прашање на шпекулации“, додаде тој. Социјалистичкиот премиер рече дека владата ќе ги заврши потребните измени на законот во Мадрид, но не откри кога мерката ќе стапи на сила.

Од 2013 година, програмата за златни визи им овозможи на граѓаните на земји кои не се членки на Европската унија да добијат престој во Шпанија доколку купат недвижен имот во вредност од најмалку 500.000 евра. Програмата се однесуваше и на финансиски инвестиции од најмалку еден милион евра во компании или два милиони во државни обврзници.

Слични програми беа лансирани и во другите земји-членки на ЕУ за време на еврокризата, а насекаде беа критикувани затоа што се смета дека се причина за поскапувањето на недвижностите и недостигот на прифатливи станови, пишува дпа. Санчез вчера изјави дека ситуацијата е особено тешка во градовите како Мадрид, Барселона, Малага и Валенсија, како и на Балеарските Острови.

Поради побарувачката од странците, речиси е невозможно локалните жители кои живеат, работат и плаќаат даноци таму да најдат пристојно сместување, рече премиерот. Според официјалните податоци, Шпанија од 2013 година има издадено повеќе од пет илјади златни визи, од кои две илјади се за кинески државјани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ