сабота, 21 декември 2024
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје

Санацијата на главниот цевковод во Скопје се очекува да заврши за помалку од 15 часа

Од утре рано наутро започнува акцијата за санација на главниот цевковод во Скопје. На терен ќе работат Секторите за ЕОК, Механизација и Водовод. Очекувањата се дека операцијата ќе заврши за помалку од 15 часа, со најголем дел од времето посветен на празнење и полнење на магистралниот водовод, се вели во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

„Со цел брзо и ефикасно завршување на оваа акција, изготвен е оперативен план кој ја предвидува прецизната постапка за санацијата. Главната цел е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во општините Ѓорче Петров и Карпош преку репарација на шест сегменти каде во изминатите децении се забележани големи загуби на вода. Во склоп на оваа санација, ќе се затвори Главниот Градски цевковод Ф1600мм и ќе се извршат поправки на пет затварачки места по должина на цевководот, од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар ‘Партизански одреди’ и ул. ‘Никола Парапунов’“, информираат од Водовод.

Планирани се следниве зафати: замена на нефункционален затварач Ф400мм на кружниот тек во Ѓорче Петров, репарација на затварач Ф600мм на мостот „Обединети нации“, заптивање на затварач Ф700мм на булеварот „Партизански одреди“, замена на затварач Ф150мм, и санација на затварачите Ф700мм и Ф500мм на ул. „Никола Парапунов“. Покрај тоа, ќе се заменат четири водушни вентили.

Во соопштението се вели дека согласно оперативниот план, Сектор Водовод ќе преземе активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи, како и проверка на исправноста на воздушните вентили и хидрантите по должината на цевководот Ф1600мм. После проверката, ќе се обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелираат да се внимава со информациите и да не се создава паника меѓу граѓаните поради привремениот недостиг на вода.

Акцијата се презема со цел превенција од дефекти, какви што имаше во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде водоснабдувањето беше прекинато за подолги периоди поради неисправни дефекти. ЈП „Водовод и канализација“ ќе биде достапно за сите прашања во текот на операцијата.

Институтот за јавно здравје на Македонија (ИЈЗ) издаде препораки за граѓаните за време на периодот на недостиг на вода, вклучувајќи складирање најмалку 4 литри вода по лице на ден, употреба на вода само за основни потреби, и користење средства за дезинфекција на раце доколку нема достапна вода.

Голем дел од населбите во Скопје ќе бидат без вода, освен Чаир, Бутел, Радишани, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда и други. Сите други корисници ќе бидат без вода.

Градоначалничката Данела Арсовска истакна дека не е потребен дополнителен дотур на вода и дека санацијата ќе трае како и секоја редовна санација на дефект во градот, со што се очекува зафатот да заврши за 24 часа, согласно техничкиот план.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ