сабота, 19 октомври 2024

Само со три победи во Белград остануваме во игра за ЛОИ!

Објавено на

часот

Сподели

Колку и да веруваме во нашите ракометни херои, сепак, би било премногу нереално да очекуваме да дојдат до директна олимписка виза, иако со поддршка од преку повеќе од 10.000 френетични навивачи во белградска „Арена“ ништо не е неможно. Затоа, далеку е пореално да се надеваме да дојдат до една од двете виза за трите предолимписки турнири што ќе се одржат во Шпанија, Шведска и во Данска, иако и тоа во моментов звучи како невозможна мисија.

Причина за една ваква релативно песимистичка прогноза е што за да дојдеме до место на еден од турнирите, треба да бидеме подобри од селекциите што сè уште немаат обезбедени место таму, а на тој список се наоѓаат репрезентациите на Германија, Србија, Полска, Русија и Норвешка. Русите се наоѓаат пред елиминација, додека Норвежаните денеска против Хрватска играат за што е можно поголемо бодовно салдо во вториот круг од ЕП. Тоа значи дека за Македонија е драстично подобро во овој меч да победат „коцкестите“, што ќе значи дека скандинавците во Нови Сад ќе отпатуваат без ниту еден бод.

Ова наведува на заклучок дека нашиот најголем проблем во моментов е тоа што Германија и Србија во втората фаза влегуваат со максимален број бодови. Тоа значи дека за да се надеваме на подобар пласман од една од овие две селекции, треба да дојдеме до максимални три победи во групата во Белград, нешто што е навистина тешко да се направи. Ова особено се однесува на мечот со домаќинот во последното коло од втората фаза, кој би можел да значи и борба за олимписка виза во случај претходно да ги совладаме Данска и Полска. Шанса да се најде на еден од предолимписките турнири имаат и полските ракометари, но тие се во само малку подобра ситуација од жолто-црвените бидејќи влегуваат со два бода во новоформираната група додека Македонија влегува со еден.

Според комплицираната шема на Светската ракометна федерација (ИХФ), местата за предолимпискиот турнир во Шведска веќе се пополнети. Покрај домаќинот во Гетеборг ќе настапат уште и репрезентациите на Хрватска, Јапонија и Чиле. Во Данска покрај домаќинот е познато дека ќе играат уште и Унгарија, второпласираниот тим од Африканскиот шампионат, како и подобропласираниот од двата европски тима. Во Мадрид, пак, ќе играат Шпанија, Исланд, Бразил, како и полошопласираната екипа од претстојното ЕП во Србија.

Постои можност и ако еден од домаќините на трите предолимписки турнири стане европски шампион и обезбеди директна олимписка виза, тогаш дополнителниот собир ќе се одржи во Хрватска, а таму би се нашла и селекцијата на Полска, без разлика на тоа што ќе направи на ЕП во Србија. Тоа воедно би било и добра варијанта за македонските ракометари, кои би имале еден конкурент помалку во обидот да се дојде барем до место на еден од предолимписките турнири.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ