сабота, 19 октомври 2024

Само победа е опција против Украина, Македонија сака одмазда за болниот пораз во Скопје

Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток од 15 часот во Прага игра квалификациски меч за Европското првенство против селекцијата на Украина, момците на Благоја Милевски сакаат да се вратат со позитивен резултат кој ќе ни ги одржи шансите за пласман на континенталниот собир.
 

Објавено на

часот

Сподели

Ремито со Италија и победата над Малта ја вратија позитивната атмосфера во репрезентацијата, ги вратија и шансите за пласман на Европското првенство, но за тие да се одржат, потребен ни е резултат од Прага.

Украина ни е во лошо сеќавање, не помина долго од болниот пораз во Скопје, водевме 2-0 по првото полувреме и успеавме да го загубиме мечот.

Селекторот Милевски претходно рече дека физичката подготовка на фудбалерите сега е многу подобра отколку за јунските натпревари кога сезоната штотуку беше завршена, тоа го напоменуваше како клучно за дебаклот. Тој верува дека денеска ќе видиме еден сосема поинаков меч од оној во Скопје, борба за трите бода на двете селекции и фокус на нашите фудбалери во текот на сите 90 минути.

„Овој натпревар ќе биде комплетно различен од оној во Скопје, затоа што доаѓаме до фаза каде што и Украина и Македонија се со по седум бода, на втората позиција, па само победа би ни одговарала и на двете репреентации. Затоа очекувам отворен и допадлив фудбал. Што треба да направи Македонија за да не ја повтори грешката? Да биде фокусирана додека трае натпреварот, а не до 60-65 минути како во Скопје. Тој натпревар е детално реализиран и воочени се аномалии не само во второто полувреме, туку и додека водевме 2-0“, рече Милевски.

Со победа во Прага, Македонија ќе дојде до 10 бода на контото и во последните два меча од квалификациите ќе влеземе со надеж за пласман на Европското првенство. Ќе играме против гигантите како Италија и Англија, шансите можеби ќе ни бидат мали, но тие ќе постојат.

На денешниот натпревар Украина ќе биде без Андреј Јармоленко и Виктор Циганков кои се повредени. Во нашиот состав ги нема Илија Несторовски и Дориан Бабунски кои не ги повика селекторот, како и Дарко Велковски кој е без клуб. Во тимот се врати Дарко Чурлинов, а меѓу повиканите е и Тодор Тодороски кој треба да биде алтернатива за Стефан Ристовски кој се повлече од репрезентацијата додека Милевски е селектор.

Македонија и Украина досега имаат одиграно шест меѓусебни натпревари. Украинците се значително подобри, имаат четири победи (2014, 2015, 2021, 2023), ние имаме еден триумф (2023), еден меч завршил нерешено (2003).

Во полза на Македонија оди фактот што гостувањето на Украина практично го играме на неутрален терен, во Прага. Украинците од познати причини играат надвор од својата земја, а тоа во овој случај ни одговара нам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ