сабота, 27 јули 2024

Само една „жичка“ го чува споменот на Коле Неделковски

Спомен куќата на големиот македонски писател Коле Неделковски во село Војница е препуштена на забот на времето, но и на волјата на недобронамерници. Спомен куќата која сведочи за времињата и  животниот пат на писателот – револуционер никој не ја обезбедува. Нема човек задолжен да пречека луѓе заталкани во малото село и да им каже збор два за тоа што е изложено во спомен куќата, да им каже збор два за еден од најголемите македонски револуционери, за Коле Неделковски.

Објавено на

часот

Сподели

Во 2012 година беше објавено дека со средства на Министерството за култура, куќата, односно малото училиште во кое тој учел четири одделенија била спасена од пропаѓање. Беше објавено дека е тоа долг кон големиот Коле. Куќата пак во која во 1912 година во сиромашно семејство е роден Неделковски, одамна ја нема. По санацијата заживеа спомен куќата. Натамошната грижа ѝ е препуштена на Општина Чашка.

За жал, и оваа спомен куќа сега сведочи дека во државата не се води грижа за културно историското наследство, дека се нема доволно почит за сопствените великани. Како се друго во земјава да е поважно. На куќата, на малото училиште, повторно ѝ се заканува пропаѓање, постои опаснот од уништување на експонатите или нивна кражба.

Марко Џамбазоски, уметник и истражувач на недоволно познатата Македонија, кој објавува стории и фото и видео приказни од зафрлените места и од недопрената атрактивна природа, патот го одведе во селото на Коле Неделковски.

„Пешачејќи низ селото Војница здогледавме една стара градба која наликуваше на напуштено училиште. Од предниот прозорец ѕиркаше портрет на Тито и најавуваше дека внатре сѐ уште има остатоци од некое друго време. Вратата скоро подотворена, само една тенка жичка околу кваката ја спречуваше под силата на ветерот да биде ширум отворена. Решивме да влеземе…“, вака ја започна тој својата сторија која ја објави на Инстаграм и која е повод за пишувањето на МКД.мк.

„Во првата просторија, во ќошот, стоеја неколку географски карти на Југославија, излитен глобус и математичко сметало. Втората просторија беше празна, освен онаа веќе спомената слика од Тито кој гледаше кон групна слика од Маркс, Енгелс, Ленин и уште еднаш – Тито.

Во третата соба стоеше распаднато биро и голема училишна табла, но кога ја отворивме последната соба бевме изненадени дека тука нѐ дочека нешто сосема различно – среден музејски простор со ретки фотографии, документи и дела поврзани со ликот и делото на Коле Неделковски. Целата градба всушност претставува спомен-куќа посветена на македонскиот великан, иако никаде однадвор на куќата не забележав некаков натпис кој го најавуваше тоа. Пријатно беше чувството да се види ова богатство, сочувано во неговото родно место, но останав шокиран што сето тоа е заштитено само со онаа тенка жичка на влезната врата, а останатите простории каде што всушност Коле го стекнувал своето образование се пред распаѓање. Си велам, можеби некој сметал дека строгиот поглед на маршалот е доволно силна заштита, но како и да е, она што ме плаши е дека оваа спомен-куќа која има големо културно и историско значење, вака незаштитена, ќе стане уште една жртва на негрижата од државата“, напиша Марко Џамбазоски илустрирајќи го својот коментар со повеќе фотографии.

МКД.мк упати прашање до Министерството за култура зошто спомен куќата на Коле Неделковски повторно е оставена да проаѓа кога и таа е дел од културното наследство и дали министерството има комуникација со Општина Чашка во врска со проблемот.

И надлежните во Општина Чашка ги прашавме зошто објектот пропаѓа и дали се во комуникација со Министерството за култура и какво решение сметаат дека е потребно за да се зачува спомен куќата и сето богато наследство во неа.

Одговор засега немаме.

Коле Неделковски е македонски револуционер, бил член на Македонскиот книжевен кружок, другарувал со македонски писатели и револуционери, неговата песна Глас од Македонија се смета за една од најреволуционерните македонски песни.

Во септември 1941 година, бугарската фашистичка полиција доцна во ноќта му влегла во трагата откако Неделковски растурал револуционерни летоци. Тој веднаш го уништил целиот материјал што го имал со себе за да не ги компромитира своите другари соборци и пружил вооружен отпор.

 

Во станот во зградата во Софија се слушнала експлозија, а потоа на плочникот пред зградата Неделковски паднал и загинал. Се смета дека самиот се фрлил за да им падне жив во рацете на бугарските полицајци. Изутрината неговото крваво тело уште било пред зградата, го виделе неговите другари, Кочо Рацин и Волче Наумчевски. „Збогум Коле“, кажале и двајцата.

На тоа место, по поразот на фашизмот, на местото на неговото загинување била поставена спомен плоча. Стоела додека официјална Бугарија била во добри односи со Југославија и додека го признавала постоењето на Македонци како народ. Тој период кратко траел, а спомен плочата на Коле Неделковски исчезнала.

Спомен куќата во село Војница постои. Но, мора да се спаси. Тоа Коле Неделковски и Македонија го заслужуваат.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ