Во европските земји, од 20 до 40 отсто од сите патувања граѓаните ги вршат со велосипед или пешки, а овој процент е најголем во Холандија. Најчесто пешки се движат граѓаните од Велика Британија, додека Холанѓаните, Данците и Швеѓаните најчесто возат велосипед, покажуваат податоците на Европската комисија.
Пешачењето е најчесто на кратки патувања до пет километри, па така дури 45 отсто од граѓаните на Велика Британија се движат пешки. Кај велосипедскиот превоз, дури 39 отсто од сите патувања пократки од пет километри што ги прават холандските граѓани се на точак. Во Македонија вакви статистички податоци не можат да се најдат на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Сепак, еден споредлив индикатор за состојбата во македонското општество со користењето на еколошки и здрав вид на транспорт со она на Европа е процентот на домаќинства кои поседуваат велосипед. Според последните достапни податоци што ги вкрстивме, од информациите достапни од Евростат, Статиста и македонскиот Државен завод за статистика, македонските домаќинства се на самото дно според поседувањето велосипед.
Па така, дури 80 отсто од домаќинствата во Германија поседуваат велосипед, а ова превозно средство во своите домови го имаат и 70 отсто од Полјаците и Норвежаните. Наспроти нив, само 37 отсто од Македонците и скромни 27 отсто од Грците имаат велосипед во своите домаќинства.
Ако се земат предвид ваквите статистички бројки, не треба да биде за чудење фактот што македонските улици и паркинзи се „закрчени” од возила, а велосипедските патеки се празни или служат за паркирање на автомобили, по добро познатата изрека „Се враќам, да завршам работа за пет минути“. Слабостите за возење велосипед ни се добро познати и Мета.мк за нив подолг период наназад има пишувано, но овој пат ќе известуваме за тоа како дигиталната писменост и една апликација може да ги мотивира граѓаните да користат повеќе велосипед или да пешачат.