Во Скопје има три локали со лиценци за кабаре, односно можат да работат до 4 часот наутро во петок и сабота.
Дозволите за работа за кабареа чинат одд 2.500 до 5.000 евра, за ноќен бар од 5.000 до 7.000 евра, а за дискоклуб од 7.000 до 10.000 евра.
За да се добие ваква лиценца, претходно треба да се исполнат минимални технички услови – санитарно здравствени услови, услови за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и услови за заштита од бучава пропишани со закон.
Угостителот мора да има и согласност од МВР дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Градоначалникот на општината е надлежен за евиденција на угостителите кои започнуваат со работа на нивното подрачје.
Од 2007 година за исполнувањето на сите овие услови е доволна писмена изјава на сопственикот, кој под целосна морална и кривична одговорност вели дека сите услови се исполнети. За да го провери ова, инспекторатот делува само по пријава.
Владата веќе најавува измени на овој закон и избегнување на ваквите пропусти.
Од денеска пазарните инспектори вршат инспекции во сите ноќни клубови, кабареа, дискотеки низ Македонија, ќе се проверуваат лиценците, дали воопшто имаат, а ако имаат дали е фалсификат.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ќе се затворат сите ноќни клубови кои не ги исполнуваат условите.
„Согласно Законот за угостителство, се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Нивната бројка е многу поголема од тие кои имаат законски документ. Во 2007 година е сменет законот, во тие измени документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата која треба да се плати, надоместокот е поголем од тие што се лиценцираат за кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои во законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира. Со сиот ризик и критика која потоа Владата ќе ја трпи“, рече Мицкоски.