сабота, 27 јули 2024
Самит на Западен Балкан во Тирана

Самит на Западен Балкан без Црна Гора и Косово

Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска во Тирана на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Претседателот на Владата на Македонија, Талат Џафери беше пречекан од премиерот на Албанија, Еди Рама, пред официјалното започнување на конференцијата „Раст и конвергенција за Западен Балкан“.

Објавено на

часот

Сподели

На самитот покрај Џафери, дојдоа и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Како што јави агенцијата Бета, новинарите не ги видоа лидерите на Црна Гора и Косово кои вчера учествуваа на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана.

Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот.

На самитот учествуваат и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.

Самитот е посветен на Планот за раст на Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Целта е да се поттикне економскиот раст на регионот и да се забрза социоекономската хармонизација.

Планот, усвоен од Европската комисија во ноември, го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период.

Премиерот Џафери, во своето обраќање ќе се осврне на определеноста и посветеноста на Владата на Македонија за успешното спроведување на Планот за раст за Западен Балкан, со оглед на фактот дека овој план, потенцијално ќе го промени регионот и ќе го забрза неговото придвижување кон Европската Унија.

Европскиот комесар за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји изјави дека планот за раст е амбициозен и оти предвидува двојно зголемување на средствата за Западен Балкан.

„Западен Балкан треба да биде интегриран во ЕУ, која мора да ги понуди сите придобивки од членството. Остана половина од времето за спроведување овој план, затоа регионот ќе треба брзо да напредува за да ги заврши реформите. Мора да ги примените правилата на ЕУ. Може да станете дел од европскиот пазар и пред да станете член на ЕУ“, рече Вархеји.

Според истиот извор, Планот на ЕУ за ЗБ предвидува забрзано спроведување на потребните реформи, зголемување на инвестиции, што ќе може да го унапреди процесот на проширување на ЕУ со овие земји.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ