Со Сеизов разговаравме и за моќта на месечинската светлина врз неговата фирма…
– Името ми беше егзотично, но и функционално, нè опишува нас. Откако ја отворивме фирмата, најмногу работиме под месечинската светлина. Денот ни е ноќ, а ноќта ден. Се случува луѓето да не можат точно да го изговорат името, кога одиме во банка, во институции, нè препрашуваат. Малку сме со чудно име за нашиве простори. Сепак, успеавме да опстоиме по сите економски и политички бури и бродоломи во државата. Со квалитет успеавме да се одржиме и да растеме.
Како почна приказната за „Мунлајт“. Што Ве поттикна да се зафатите со бизнис во филмската продукција?
– „Крикот на немиот Индијанец“, каде што буквално учествував во сечењето на филмската лента, ми беше предизвикот. Оттогаш почна целата приказна. Следуваше телевизискиот филм „Пусто турско“ на Коле Ангеловски, финансиран од Советот за радиодифузија. Таму работев режија и монтажа. Кога решивме да отвориме фирма, почнавме многу скромно – со два компјутери сместени во мојата спална соба. Одевме чекор по чекор и ни тргна работата. Првиот проект го имавме во дискотека во Велес. Во годините претходно работев речиси во сите медиуми – А1, Сител, Телма. Во Телма се задржав најдолго затоа што беше најприродна и најнормална средина за работа.
Извесно време сте работеле во Канада. Колку тоа искуство Ви помогна во усовршувањето на занаетот?
– Професионално го достигнав врвот уште пред да заминам во Канада, затоа што успеав да направам работи што некои луѓе цел живот не успеваат да ги направат. Имав работено на сите полиња на телевизиската продукција, па и филм. Поминав и режија и монтажа. Сепак, престојот во Канада беше едно позитивно искуство. Осознав дека тоа што сум го постигнал со учење и со искуство е едно високо ниво дури и за таму. Во нашата фела овде има многу малку професионалци, но тие се навистина тоа – професионалци.
Успешниот менаџер е човек што знае да направи добар план на работа, стратегија и да избере соодветен простор за маркетинг. Колку Вие во Вашето работење ги практикувате овие претприемачки правила?
– Ништо не правиме без план и стратегија. Нашето мото е проектот што го работиме да трае најмалку една година. Ако нешто правиш на пократок период, не можеш да го доживееш, да го апсолвираш. Планирањето и стратегијата се на првото место. Маркетингот не го правиме. Но, за среќа, сите проекти што досега сме ги работеле биле доволно добри, така што нашето лого на проектите ни е маркетинг. На тој начин доаѓаат нови клиенти. Така јас го гледам нашиот маркетинг. Нема потреба да се фалиме што сме направиле. Не произведуваме вода. “We make dreams come through“ (ние ги остваруваме соништата). Но не само нашиот сон, туку и сонот на оној за кого работиме. Направи го човекот среќен, е нашето мото. Се надевам дека ќе прераснеме во фирма што ќе им ги исполни соништата на сите.
Наградите и признанијата мотивираат. Во кој правец би го насочиле бизнисот сега по добивањето на златната статуетка?
– Никогаш не сум очекувал на домашен терен некој да ме пофали и да ме награди. Така што – наградата ме изненади и ме израдува. Но, нашава работа од еден аспект е многу сериозна. Имаме јавна одговорност спрема луѓето што се пред екранот да им понудиме квалитет, содржини што ќе едуцираат, што ќе забават и ќе информираат. Нашиот производ треба да опфати многу аспекти. Најважно е да се направи производ што ќе има трајна вредност и ќе остане за идните генерации. „Мунлајт“ сака да прави такви проекти.
Телевизиските програми ни се преполни со шунд, сапунски серии. Во последниве две години гледачите се буквално под опсада од турски сапуници, од неквалитет. Како да излеземе од тој лош филм?
– Тие што треба да го санкционираат тоа имаат два аршина. Ако сме тргнале по некои европски критериуми за оценување на програмата, треба и да се држиме до тоа. Не треба да се прогледува низ прсти. Треба да има строга контрола врз тоа што се емитува. Има правила на однесување во етерот и некој треба да врши сериозна контрола дали тие се почитуваат. Не си ја вршат работата како што треба.
Кој е тој што не си ја врши работата?
– Советот за радиодифузија. Има огромни недостатоци во контролата. Потребна е корекција на Законот за радиодифузија. Тоа е едниот аспект на проблемот. Друго е тоа што нема добра понуда, ниту интерес од радиодифузерите како секаде во светот да се соберат и машки да се договорат да откупат домашна квалитетна програма. Подобро е, на пример, 800 илјади евра да се вложат за да се направи домашна програма, отколку да се фрлат пари за нешто странско и лошо. Но дифузерите не се заинтересирани за квалитетна домашна програма. Повеќе ги интересира да откупат програма во која ќе продадат реклами за да си ги вратат парите или да остварат профит. Не гледаат подолгорочно, да создадеме една генерација што ќе ја промовира уметноста. Ние повеќе би сакале да направиме добро дело, отколку екстра профит. Мора да се направи баланс во црнилата што се нудат на екраните. Треба да се избориме за некаква правда, луѓето да гледаат квалитетна програма.
Во каков филм би сакале да ја видите Македонија?
– Се обидував да направам една приказна со Паско Кузман. Му понудив да направиме документарен филм „Во потрага на гробот на Александар Македонски“. Но идејата за овој проект сè уште е само идеја.
Стојанка Митреска