сабота, 4 јануари 2025

Сајбертрак експлодира пред хотелот на Трамп, еден мртов (ВИДЕО)

Властите ја истражуваат експлозијата на возилото „Тесла сајбертрак“, што се случи синоќа пред хотелот на Трамп во Лас Вегас, Невада, како можен терористички чин.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Најмалку едно лице загина во експлозијата. Седум се повредени.

На прес-конференција, шерифот од Лас Вегас, Кевин Мекмахил, рече дека пожарот на возилото бил пријавен во 8:40 часот по локално време. Екипите за итни случаи пристигнаа на местото на настанот за да го пронајдат Сајбертрак од 2024 година целосно зафатен во пламен.

„Има починато лице внатре во возилото Сајбертрак, но во моментов не знаеме дали се работи за машко или женско лице“, рече Мекмахил. Според шерифот, во експлозијата со полесни повреди се здобиле уште седум лица.

Џереми Шварц, вршител на должноста специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, потврди дека и неговиот тим е вклучен во истрагата.

Според извори запознаени со истрагата, Сајбертрак бил изнајмен преку компанија за изнајмување автомобили Тиро. Си-ен-ен се обрати до компанијата за коментар.

Надзорните камери го снимија возачот како вози покрај хотелот Трамп во Лас Вегас околу еден час пред експлозијата, а потоа се враќа и застанува пред хотелот, каде што возилото експлодираше неколку секунди подоцна, изјави официјален претставник за Си-ен-ен.

Експлозивите пронајдени во возилото се опишани како пиротехнички средства, плински боци и гориво за кампување, за кои властите веруваат дека биле поврзани со систем за детонација контролирани од возачот.

Властите истражуваат можни врски помеѓу оваа експлозија и нападот во Њу Орлеанс, каде што осомничениот влета со пикап изнајмен преку Тиро во толпа луѓе. Сепак, засега не е утврдена директна врска меѓу овие два инциденти.

Полицијата во Лас Вегас претходно соопшти дека го испитува пожарот на влезот од хотелот и дека јавноста е предупредена да ја избегнува областа, иако пожарот е изгаснат.

Според официјалните информации, возачот го возел Сајбертрак до влезот на хотелот, каде што се случила експлозијата. Возачот загинал и моментално е единствениот загинат во инцидентот.

Инспекторите итно работат на утврдување на мотивот, со оглед дека се верува дека возачот намерно ја предизвикал експлозијата.

До утврдување на мотивот и исклучување на други можности, полицијата експлозијата ја третира како можно кривично дело и терористички акт. Во тек е собирање докази и истрага.

Шерифот Кевин Мекмахил рече дека не верува дека има понатамошна закана за заедницата, но ја предупреди јавноста да остане внимателна. „Веруваме дека сè е безбедно сега“, рече тој, додавајќи: „Не го знаеме она што не го знаеме“.

Со оглед на поврзаноста на имотот со новоизбраниот претседател Доналд Трамп, хотелот често е цел на закани и под зголемено обезбедување.

Ерик Трамп, синот на Трамп и потпретседател на Организацијата Трамп, го коментираше инцидентот на социјалните мрежи:

„Претходно денеска беше пријавен пожар на електрично возило на влезот на хотелот Трамп во Лас Вегас. Безбедноста на нашите гости и персонал останува наш главен приоритет. Искрено им благодариме на противпожарната служба во Лас Вегас и локалните власти за нивната брза и професионална реакција“.

Хотелот исто така објави соопштение во кое се наведува:

„Претходно денеска беше пријавен пожар на електрично возило на влезот во хотелот Трамп Лас Вегас. Безбедноста и благосостојбата на нашите гости и персонал останува наш приоритет. Им благодариме на противпожарната служба во Лас Вегас и локалните власти за нивната брза реакција“.

Зборуваше и шефот на Тесла, Илон Маск.

„Целиот сениорски тим на Тесла моментално го истражува овој случај. Ќе објавиме повеќе информации штом дознаеме нешто ново. Никогаш не сме виделе вакво нешто“, напиша Маск на Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ