сабота, 27 јули 2024

САД развиваат нов „авион на судниот ден“

Соединетите Американски Држави ќе развијат нов „авион на судниот ден“, кој би требало да му овозможи на претседателот да продолжи да управува со земјата во случај на нуклеарна војна или друга голема катастрофа која би ги уништила командните и контролните центри на земјата, соопшти американското воено воздухопловство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Договорот вреден 13 милијарди долари за проектот Воздухопловен оперативен центар за преживување (САОЦ) ѝ е доделен на корпорацијата Сиера Невада, соопшти портпаролот на американските воздухопловни сили.

Работата на новите воени авиони за стратегиска команда и контрола ќе се вршат во погоните на компанијата во Колорадо, Невада и Охајо, се наведува во соопштението. Рок за реализација на проектот е 2036 година, се додава.

Според компанијата, САОЦ ќе биде заснован на комерцијален дериват на млазен авион, кој би бил зајакнат и модифициран за да ги задоволи стандардите и барањата на Пентагон.

„Развојот на овој витален систем за национална безбедност обезбедува нуклеарната команда, контрола и комуникациска способност да биде оперативно релевантна и безбедна во децениите кои доаѓаат“, се наведува во соопштението.

САОЦ треба да го замени застарениот авион Е-4Б „најтвоч“ или Националниот воздушно-десантно оперативен центар кој во моментов го користи американската авијација.

Е-4Б, базиран на „боинг 747, постои од средината на 1970-тите. Се очекува авионите да бидат „пензионирани“ на почетокот на 2030-тите. Како што наведува Ројтерс, авионите станале сè потешки за одржување бидејќи деловите за нив се застарени.

Американското воено воздухопловство во моментов има четири такви авиони, а најмалку еден од нив е постојано во готовност. Е-4Б имаат напредна комуникациска опрема, можат да дополнат гориво во воздух и можат да издржат нуклеарни експлозии и разни електромагнетни ефекти.

Русија исто така има четири „авиони на судниот ден“, кои се базирани на авионот иљушин Ил-80.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ