сабота, 27 јули 2024

САД поднесоа нацрт-резолуција за Газа во ОН, бараат итен прекин на огнот и ослободување на заложниците

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Соединетите Држави претставиле нацрт-резолуција до членките на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен прекин на огнот поврзан со ослободување на заложниците“ во Појасот Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Всушност, поднесовме резолуција што сега е пред Советот за безбедност, која повикува на итен прекин на огнот поврзан со ослободувањето на заложниците и многу се надеваме дека земјите ќе ја поддржат“, изјави тој за саудискиот медиум Ал Хадат вчеравечер, на маргините на посетата на Саудиска Арабија посветена на војната меѓу Израел и Хамас. Тој додаде дека се надева дека оваа иницијатива ќе испрати „силен сигнал“.

Вашингтон стави вето на неколку резолуции што повикуваат на итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење.

Текстот, во кој АФП имал увид, ја нагласува „потребата од итен и траен прекин на огнот за заштита на цивилите од сите страни, овозможување испорака на важната хуманитарна помош“ и „недвосмислено ги поддржува дипломатските напори на меѓународните организации да постигнат таков прекин на огнот во врска со ослободување на заложниците што сѐ уште се држат“.

Во моментов нема закажано гласање за овој текст.

„Се разбира, го поддржуваме Израел и неговото право да се брани, но во исто време, императив се цивилите што се во опасност и страдаат толку ужасно, да се фокусираме на нив, да ги направиме приоритет, да ги заштитиме цивилите и да им обезбедиме хуманитарна помош“, рече Блинкен.

Откако кон крајот на февруари ја блокираа алжирската нацрт-резолуција со која се повикуваше на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, Американците преговараа за алтернативен текст фокусиран на поддршка на дипломатските напори на теренот за постигнување на шестнеделен прекин на огнот во замена за ослободување на заложниците.

Антони Блинкен денеска патува за Каиро, еден ден по средбата со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, а треба да се сретне и со египетскиот претседател Абдел Фата ал Сиси.

За време на неговата посета на кралството, Блинкен за една саудиска ТВ-станица изјави дека верува оти е можен договор за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на преостанатите заложници. „Мислам дека јазот се намалува и мислам дека договорот е многу можен“, рече тој во интервјуто.

САД, Катар и Египет со недели посредуваат меѓу Хамас и Израел. Целта е прекин на огнот и размена на заложници. Блинкен нагласи дека договорот ќе зависи од согласноста на Хамас.

Американскиот државен секретар потоа утре ќе отпатува за Израел бидејќи се интензивираат разликите меѓу Вашингтон и владата на Бенјамин Нетанјаху околу војната во Газа.

Нетанјаху рече дека неговата војска сега ќе оди во Рафа, во близина на границата со Египет, каде што Израел верува дека има терористи одговорни за масакрот на 7 октомври, во кој во упадот во Израел загинаа околу 1.200 луѓе и зедоа околу 240 заложници.

Сепак, САД сметаат дека тоа ќе резултира со големо крвопролевање со оглед на тоа што повеќе од еден милион луѓе се таму откако избегаа од израелските напади на други области.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ