сабота, 27 јули 2024

САД почнаа бран одмазднички напади во Ирак и Сирија

Соединетите Американски Држави почнаа бран одмазднички напади на милитантни во Ирак и Сирија, изјавиле функционери за Асошиејтед прес и Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Почетните напади ги извршиле авиони со човечки екипаж и беспилотни летала кои погодиле командни центри, магацини за муниција и други објекти, јави АП.

Станува збор за американскиот одговор на нападот со дрон во Јордан во кој загинаа тројца американски војници, а 40 беа повредени.

САД за нападот го обвинија Исламски отпор во Ирак, коалиција на милиции подржана од Иран.

Групи кои ги поддржува Иран во целиот регион на Блискиот Исток од избивањето на војната на Израел во Газа нападнале американски објекти најмалку 166 пати.

Првиот американски дипломат, државниот секретар Ентони Блинкен, кажа во понеделникот дека американскиот одговор „би морал да биде на повеќе нивоа, да доаѓа во фази и да биде одржлив низ време“.

Американските функционери сакаат да ги казнат милициите поддржани од Иран, но притоа да не предизвикаат поширока војна.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави пред два дена воведување нови санкции на финансиски мрежи на иранската Револуционерна гарда и либанската паравоена група Хезболах, подржана од Техеран.

Командантот на Корпусот на иранската Револуционерна гарда Хосеин Салами кажа вчера дека Техеран ќе одговори на сите закани од САД.

„Слушаме закани кои доаѓаат од Американците и им порачуваме дека веќе нè тестираа и дека ниедна закана нема да остане неодговорена“, кажа Салами, а пренесе агенцијата Тасним.

Државните медиуми ја пренесоа изјавата на иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан, кој порача: „САД мора да престанат со заканите и да се фокусираат на политичко решение“.

„Вашингтон мора да го прифати отпорот како факт“, додаде тој мислејќи на иранскиот назив за сојузот на оружени групи низ Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ