сабота, 27 јули 2024

САД планираат да воведат санкции на контроверзната израелска единица Нецах Јехуда

Израелската влада луто реагираше на извештаите дека САД имаат намера да воведат санкции на контроверзната единица на Израелските одбранбени сили (ИДФ) за кршење на човековите права на Западниот Брег.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

„Не смеат да се наметнуваат санкции на Израелските одбранбени сили“, напиша премиерот Бенјамин Нетанјаху во објава на платформата на социјалните мрежи Икс, додавајќи дека неговата влада ќе се спротивстави на таквите мерки со сите расположливи средства.

Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел, рече дека воведувањето санкции врз единицата ќе создаде опасен преседан и ќе испрати погрешна порака до „заедничките непријатели“ во време на војна.

Американскиот информативен портал Аксиос, повикувајќи се на три лица запознаени со ова прашање, објави дека американскиот државен секретар Антони Блинкен се очекува да најави санкции против единицата Нецах Јехуда за кршење на човековите права на Западниот Брег во наредните денови.

Ова ќе биде првпат САД да воведат санкции против израелска воена единица.

Нетанјаху на Икс напиша дека во последните недели води кампања против воведувањето санкции за израелските граѓани, вклучително и преку разговори со високи претставници на американската влада.

„Во време кога нашите војници се борат со чудовиштето на теророт, намерата да се воведат санкции врз единицата е врв на апсурдноста и морално дно“, напиша тој.

Според израелскиот медиум Тајмс оф Израел, Ганц рече дека ќе бидат преземени мерки за спречување на оваа одлука.

Пешадиската единица е „составен дел на ИДФ“ и е обврзана со воено и меѓународно право. Израел има „силни и независни“ судови кои можат да се справат со наводните прекршоци, додаде Ганц.

Санкциите ќе им забранат на членовите на единицата да добијат воена поддршка или американска обука, објави Аксиос, цитирајќи свои извори.

Американски официјален претставник рече дека одлуката на Блинкен во врска со единицата се заснова на инциденти што се случиле на Западниот Брег пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Според израелските медиуми, единицата е поврзана со десничарскиот екстремизам и насилството врз Палестинците. Израел ја повлече единицата од Западниот Брег во декември 2022 година.

Израел ја презеде контролата врз Западниот Брег и Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година. Денес таму живеат повеќе од 600.000 израелски доселеници.

Палестинците бараат територии за својата држава со источен Ерусалим како главен град.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ