сабота, 27 јули 2024

САД одобрија напади на ирански мети

Американската администрација ги одобрила плановите за повеќедневни напади во Ирак и Сирија на мети вклучувајќи „ирански персонал и објекти“, објави Си-би-ес повикувајќи се на американски функционери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот следи по шпекулациите за тоа како Вашингтон ќе се одмазди откако тројца американски војници беа убиени во саботата со напад со дрон во Јордан. Тоа беа првите американски жртви во ескалацијата на насилствата во жариштата низ Блискиот Исток по почетокот на војната на Израел во Газа во октомври.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин им кажа на новинарите дека САД ќе настојуваат да избегнат поширок конфликт.

Претседателот Џо Бајден, под притисок да преземе решителна акција а да не предизвика директна војна со Иран, кажа дека одлучил како ќе одговори, не наведувајќи детали. Техеран соопшти дека ќе одговори на напади на своја територија или на државјани и интереси во странство.

Извештајот на Си-би-ес цитира американски функционери кои кажале дека временските услови ќе бидат фактор во одредувањето на тајмингот на нападите, бидејќи Вашингтон сака добра видливост за да го избегне ризикот од погодување цивилни мети, пренесува Ројтерс.

Вашингтон соопшти дека нападот во саботата врз неговите војници во Јордан во близина на сириската граница ги има обележјата на Катаиб Хезболах, проиранска милиција базирана во Ирак.

Таа група во средата соопшти дека ја прекинува својата акција против американските сили за да не го „посрами“ Багдад.

Насилство избувна во неколку држави од Блискиот Исток каде оперираат оружени групи поврзани со Иран откако Израел ја почна офанзивата на Газа како одговор на нападот на Хамас во октомври.

САД имаат 900 војници во Сирија и околу 2.500 во Ирак, наведува Ројтерс и додава дека ирански советници им помагаат на оружени групи во двете земји.

Меѓутоа, елитната иранска Револуционерна гарда ги повлекува вишите офицери од Сирија откако во израелски напади загинаа повеќе од шест нејзини припадници од декември, објави Ројтерс повикувајќи се на упатени извори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ