Транзицискиот тим на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се надева дека ќе ја повлече земјата од Светската здравствена организација (СЗО) на првиот ден од новата администрација, со што ќе секне еден од главните извори на пари на агенцијата, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на здравствени експерти.
Членовите на тимот на Трамп им рекле на експертите дека имаат намера да објават повлекување од глобалното здравствено тело на денот на инаугурацијата, 20 јануари, напиша ФТ во неделата. Некои од тимот, наводно, сакаат САД да останат во СЗО, но се залагаат за нејзино реформирање. Сепак, друга група, која се надева дека ќе ги прекине врските, наводно победува во дебатата.
Транзицискиот тим сака Трамп да се повлече од СЗО уште првиот ден, поради „симболиката“ на поништување на потегот што Џо Бајден го направи на денот на сопствената инаугурација, напиша ФТ.
На 20 јануари 2021 година, Бајден ги обнови односите со телото на ОН, откако неговиот тогашен претходник Трамп иницираше процес на повлекување, по неговите критики за справувањето на СЗО со пандемијата на коронавирусот во 2020 година.
„Америка ќе остави огромен вакуум во глобалното здравствено финансирање и лидерство. Не гледам никој што ќе ја пополни дупката“, изјави Лоренс Гостин, професор по глобално здравје на Џорџтаун за ФТ. Планот за повлекување „на првиот ден“ би бил „катастрофален“, додаде тој.
СЗО е тело на ОН што делува како координативен орган за меѓународни здравствени прашања. Агенцијата го добива своето финансирање од земјите-членки, кои плаќаат такси, како и од доброволни придонеси. САД со децении се еден од најголемите донатори на организацијата и, според нивните податоци, моментално се вториот најголем придонесувач меѓу нејзините земји-членки.
Во 2020 година, среде пандемијата на коронавирусот, Трамп ја обвини СЗО дека е под контрола на Кина. Претседателот тврдеше дека Пекинг извршил притисок врз организацијата да го „заведе светот“ за вирусот и вети дека наместо тоа ќе ги насочи американските средства кон други глобални добротворни организации за јавно здравје.
Според резолуцијата на Конгресот од 1948 година, САД можат да се повлечат од СЗО, но мора да дадат известување една година претходно и да ги платат ненамирените такси. Тимот на Трамп, сепак, не коментираше директно за потенцијалното повлекување, забележа ФТ.
Во ноември Трамп го номинираше долгогодишниот скептик кон вакцините Роберт Ф. Кенеди да стане министер на САД за здравство и човечки услуги. РФК Џуниор беше меѓу гласните критичари на мерките против ковид-19 препорачани од СЗО, воведени од владите низ целиот свет – строгите карантини и вакцините развиени за кратко време.
Номинацијата на Кенеди допрва треба да биде одобрена од Сенатот.