сабота, 27 јули 2024

САД ќе ги преиспитаат односите со Грузија, воведуваат визни ограничувања поради законот за „странски агенти“

Соединетите Држави денеска објавија нова политика на визни ограничувања за жителите на јужнокавкаската република Грузија, откако тамошната влада го усвои контроверзниот закон за обелоденување на странско финансирање.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Стејт департментот спроведува нова политика за ограничување на издавањето визи за Грузија, која ќе се однесува на поединци кои се одговорни или се соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија, како и на членовите на нивните семејства“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар Антони Блинкен.

„Ова ги вклучува лицата одговорни за потиснување на граѓанското општество и слободата на мирно собирање во Грузија преку кампања на насилство или заплашување“.

И покрај масовните протести, грузиската влада минатата недела одобри закон со кој се обидува да го ограничи странското влијание врз невладините организации со заострување на одговорноста на хуманитарните организации и независните медиуми кои добиваат повеќе од 20 отсто од својот приход од странски извори.

Противниците на законот стравуваат дека тој би можел да се користи за прогон на дисидентите, по примерот на меѓународно критикуваниот закон против странски агенти во Русија.

Блинкен рече дека законот воведен од владејачката партија Грузиски сон „ќе го задуши остварувањето на слободата на здружување и изразување, ќе ги стигматизира организациите кои им служат на граѓаните на Грузија и ќе ги спречи независните медиумски организации кои им обезбедуваат на Грузијците пристап до висококвалитетни информации“.

Блинкен исто така ги наведе „јасните индикации на кампањата за заплашување и употреба на насилство за потиснување на мирни протести“, додавајќи дека и законот и репресивните тактики ја поткопуваат грузиската демократија и основните слободи на кои грузискиот народ има право.

Државниот секретар рече дека Вашингтон ќе ја разгледа и билатералната соработка со Тбилиси. Законот сè уште не е на сила. Прозападната грузиска претседателка Саломе Зурабишвили стави вето, иако парламентот може да го отфрли. Европската унија, исто така, силно го критикуваше законот и предупреди дека може да ги уназади напорите на Грузија да стане членка на Унијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ