„Сега пишуваме за да ја истакнеме длабоката загриженост на американската влада поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Газа и бараме итни и постојани акции на вашата влада овој месец за да ја свртиме оваа траекторија“, наведуваат во писмото од 13 октомври до своите израелски колеги, кое го објави новинар на порталот Аксиос на мрежата Икс.
Ројтерс наведува дека Стејт департментот и Пентагон не одговориле веднаш на барањето за коментар. Претставниците на израелската влада исто така не биле достапни за коментар.
Израелските сили ги прошируваат операциите во северна Газа и покрај блокадата на пристапот на хуманитарна помош во палестинската енклава и пристапот на цивилите до храна, вода и лекови.
Американски функционери претходно годинава кажаа дека Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право користејќи американско оружје за време на војната во Газа.
Во писмото од овој викенд се цитира одделот 620и на законот за странска помош, кој ја ограничува (забранува) воената помош на земјите кои ја попречуваат испораката на американска хуманитарна помош.
Се наведува и Меморандумот за национална безбедност кој американскиот претседател Џо Бајден го издаде во февруари, а кој бара Стејт департментот да го известува Конгресот за тоа дали ги смета за веродостојни израелските уверувања дека употребата на американското оружје не го крши американското или меѓународното право.