сабота, 27 јули 2024

САД и повеќето земји од ЕУ ја бојкотираат Путиновата инаугурација

Соединетите Американски Држави и повеќето земји од Европската унија денеска ќе ја бојкотираат церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин, кој неодамна доби нов шестгодишен мандат, но се очекува дека Франција и некои други членки на ЕУ сепак ќе испратат свои пратеници, и покрај барањето на Киев да не го прават тоа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одговорите на дипломатските претставници на западните сили ги покажаа нивните различни позиции за инаугурацијата на рускиот претседател, кој пред нешто повеќе од две години започна инвазија на Украина.

„Не, нема да имаме свои претставници на инаугурацијата“, изјави портпаролот на американското министерство за надворешни работи Метју Милер. „Ние во никој случај не ги сметаме изборите во Русија за слободни и фер, но Владимир Путин останува руски претседател и во наредниот период“, рече тој.

Канада порача дека ќе ја прескокне церемонијата, која доаѓа само еден ден откако Русија објави дека ќе одржи тактички вежби со нуклеарно оружје со цел да ги „олади вжештените глави на Запад“.

Владимир Путин извојува убедлива победа на претседателските избори во март, одржани само неколку недели по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Владите на западните земји го осудија неговиот реизбор, оценувајќи дека е нефер и недемократски, а истиот став го има и Украина.

„Украина не гледа правна основа врз основа на која Путин може да биде признаен како легитимен и демократски избран претседател на Руската Федерација“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Денешната инаугурација, посочуваат од украинското МНР, служи само за создавање привид на законитост, зад кој се крие човек кој има намера да остане на власт доживотно, човек кој ја претвори Руската Федерација во држава агресор, а владејачкиот режим во диктатура.

Русија ги покани шефовите на сите странски дипломатски претставништва во Москва на инаугурацијата, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на висок функционер на Кремљ.

На церемонијата нема да присуствува ниту амбасадорот на Европската унија во Русија, што е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на ЕУ. Дваесет земји од Европската унија ќе ја бојкотираат инаугурацијата на Путин, но останатите седум се очекува да испратат свои претставници. Покрај Франција, делегати на инаугурацијата треба да испратат и Словачка и Унгарија, велат два извори од редовите на европската дипломатија.

Германското Министерство за надворешни работи одговори дека нема да учествува. Од друга страна, дипломатски извор од Париз изјави дека Франција во Москва ќе ја претставува нејзиниот амбасадор, што укажува на поделеност околу тоа како да се справува со Русија.

„Ние не сме во војна со Русија и рускиот народ и немаме барања за промена на режимот во Москва“, изјави во понеделникот францускиот претседател Емануел Макрон.

Извор од Париз наведува дека Франција и претходно го осуди одржувањето на изборите во услови на репресија и лишување на гласачите од можноста за вистински избори, како и одржување избори на окупираните украински територии, што Франција го смета за кршење на меѓународното право.

Односите меѓу Франција и Русија се влошија во последните месеци, бидејќи Париз ја засили својата поддршка за Украина. Макрон во изминатите недели не ја отфрлаше можноста за испраќање војници во Украина доколку Киев го побара тоа, велејќи дека би било легитимно да се разгледа такво барање во случај Русија да ги пробие линиите на украинскиот фронт.

Балтичките земји, кои веќе немаат свои амбасадори во руската престолнина, категорично одбија да учествуваат на инаугурацијата.

„Сметаме дека изолацијата на Русија и нејзиниот криминален лидер мора да продолжи“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис. „Учеството на инаугурацијата на Путин не е прифатливо за Литванија. „Поддршката на украинскиот народ кој се бори против руската агресија останува наш приоритет“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ