недела, 14 април 2024
По усвојувањето на измените на Уставот од страна на Владата

Сѐ е во рацете на пратениците: Власта повикува на разум опозицијата вели уставни измени под бугарски диктат нема да има

Објавено на

часот

Сподели

Владата повика на конструктивност и постигнување натпартиски консензус за усвојување на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија, и услов за продолжување на преговорите со ЕУ.  Смета дека пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година“.

„Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Исто така, во услови кога во геополитичкиот контекст, нашите стратешки пријатели САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава – доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ“, истакнаа од Владата.

Одлуката на Собранието за измени на Уставот, посочуваат, ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ.

Затоа повикуваат „на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и, напротив, конечно да ги реализира европските перспективи“.

Со предложените уставни измени, како што нагласуваат, се зајакнува и мултиетничкиот карактер на Македонија.

„Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност. Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО да биде и полноправна членка на Европската Унија“, пишува во образложението за потребата од уставни измени.

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, професори од неколку универзитети во државата, како и претставници на политички партии. Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието донесени на седницата одржана на 16 јули 2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија, и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Македонија во Европската Унија.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.

Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот. 

Според проценките на собранискиот спикер Талат Џафери искажани на еден од брифинзите со новинарите, од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени до Собранието, па до нивно усвојување минимално се потребни четири и пол месеци. Како краен рок за уставни измени се посочува ноември, кога треба да заврши и скрининг процесот и да се одржи втората меѓувладина конференција и со што ќе почнат преговорите по поглавјата.

Согласно законските и деловничките процедури, од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.  

Одлуката за пристапување кон измени на Уставот треба да ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 80 гласа, а бидејќи се работи за промена на Преамбулата, потребно е таа да добие и таканаречено Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница.

Ако одлуката за пристапување кон измени на Уставот биде усвоена од Собранието, иницијативата се враќа до Владата, која треба да го подготви текстот на нацрт- амандманите на Уставот со образложение. Вака подготвениот текст се доставува до претседателот на Собранието, кој го проследува до пратениците и до шефот на државата најдоцна 30 дена пред одржувањето на собраниската седница на чиј дневен ред ќе се најде иницијативата.

Амандмани може да се поднесат само за она што е предмет на измените на Уставот и тоа право го имаат секој пратеник, работно тело и Владата како предлагач до најдоцна осум дена пред седницата на Собранието. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на амандманот на Уставот. По ова, следува јавна расправа која не може да биде подолга од 30 дена.

Потоа, Владата поднесува предлог-амандмани до Собранието, кои треба да бидат прифатени од Комисијата за уставни прашања, која потоа доставува извештај со дополнет предлог на текстот на собраниската седница. Секој еден пратеник може да поднесе амандман на текстот. Текстот на предлог-амандманите се усвојува со 61 глас, а за да бидат усвоени, предлог-амандманите треба да бидат поддржани од најмалку 80 пратеници. 

Оценка на домашните политички чинители и на меѓународните партнери е дека за спроведување на уставните измени е неопходен политички консезус, без него постапката не ќе може да тече, бидејќи доколку предлогот за промена на Уставот не добие поддршка од најмалку две третини од пратениците на првото гласање, процедурата ќе биде прекината.

Од власта укажуваат дека во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија, Македонија треба да ги исполни обврските преземени со Преговарачката рамка и пристапните преговори со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19 јули 2022 година. 

Опозицијата засега категорично одбива да поддржи измени на Уставот, како што велат, под бугарски диктат, и инсистираат на предвремени парламентарни избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во повеќе наврати изјави дека во овој парламентарен состав уставни измени ќе нема и оти единствено на што се согласни се брзи избори.

За овој став од ВМРО-ДПМНЕ ги информираа и министрите за Европа на Германија, Франција и Полска, но и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка кои деновиве беа во посета на земјава со една порака – заокружување на процесот на уставни измени.

Претставниците на меѓународната заедница во Скопје повикаа сите политички сили во земјава да ги поддржат уставните измени, со уверувања дека нови барања за дополнителни отстапки ќе нема. Порачаа дека ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период да биде изолирана и исфрлена од ЕУ-патот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ