среда, 15 јануари 2025

Руте: НАТО започна нова мисија за заштита на подморските кабли на Балтикот

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте објави во Хелсинки дека НАТО започнува нова мисија за заштита на подморските кабли во регионот на Балтичкото Море.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Мисијата меѓу другото ќе вклучи низа средства, фрегати и поморски патролни авиони, ќе го зајакне нашето присуство на Балтикот“, изјави Руте на заедничката прес-конференција со финскиот претседател Александар Стуб и естонската премиерка Критен Михалис, по завршувањето на вонредниот самит посветен на безбедноста на Балтикот.

Руте додаде дека мала флота од поморски беспилотни летала исто така ќе биде распоредена „за да се обезбеди засилен надзор“.

Финскиот претседател Александар Стуб денеска во Хелсинки беше домаќин на вонреден самит на земјите на НАТО кои граничат со Балтичкото Море.

На крајот на самитот учесниците усвоија заедничка декларација.

Во документот се наведува дека е постигнат договор за чекорите што треба да се преземат по неодамнешните саботажни дејствија, за кои се верува дека ги извршиле Русија и нејзините партнерски земји.

Во декларацијата што ја објави летонската радио-телевизија ЛСМ, се наведува дека мерките првенствено се однесуваат на клучната инфраструктура во Балтичкото Море и на зајакнувањето на присуството на НАТО во регионот.

Во декларацијата се наведува и дека се разговарало за енергетската соработка и одговорот на таканаречената руска флота во сенка, главно нафтени танкери кои ги заобиколуваат санкциите на ЕУ.

Во Балтичкото Море, на крајот на ноември минатата година, најпрво беше прекинат подводниот комуникациски кабел меѓу Германија и Финска на сè уште неутврден начин, а потоа беа оштетени и телекомуникациските и каблите за пренос на податоци меѓу Шведска и Литванија и меѓу Финска и Естонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ