петок, 27 декември 2024

Рустеми: Автопатот Кичево-Охрид е лош пример како се проектира и спроведува проект

Автопатот Кичево-Охрид е најлошиот пример како во иднина не треба да проектираме и затоа сме денеска на терен за да ѝ покажеме на јавноста со какви проблеми се соочуваме, ни изјави директорот на ЈПДП Државни патишта, Ејуп Рустеми при посетата, заедно со новинарски екипи, на дел од трасата на автопатот на која на крајот на минатата година се појавиja свлечишта кои дополнително ги усложни градежните работи и рокот за завршување, а во прашање е доведена и безбедноста на автопатот.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

„До сега се евидентирани 13 свлечишта, каде што ние како претпријатие за да ги санираме прво треба да најдеме технички решенија за сите нив, па потоа повторно да направиме инфраструктурни проекти, па да добиеме одобрение за истите, по што ќе знаеме дали можеби ќе се појават нови случаи за експропријација, и на крај да се решат проблемите и да продолжи изградбата“, рече Рустеми.

Затоа ние како јавно претпријатие заедно со Министерството за транспорт и врски и Владата, рече Рустеми, „се решивме на ваков модел на изградба на автопатишта, бидејќи сме убедени дека со новиот модел побрзо ќе ги изградиме и ќе бидат побезбедни автопатишта“.

Рустеми не можеше да прецизира дали и колку нови трошоци ќе има и дали ќе бидат потребни дополнително пари за санирање на штетите од свлечиштата, но кажа дека на располагање има 175 милиони евра, вториот дел од веќе земениот кредит.

„Сега не можеме точно да знаеме дали и колку пари дополнително би биле потребни и каде ќе ги најдеме затоа што прво треба да го искористиме кредитот што ни е на располагање па ќе видиме дали ќе има потреба за дополнителни пари или не“, рече Рустеми.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски смета дека се работи за специфични проектантски дејности, за кои како што нагласи, треба внимателно да се известува јавноста за постапките што ќе следуваат наредниот период.

„Треба да се отвори постапка за дополнително проектирање, потоа да се свика ревизија на таа проектна документација, од која ќе произлезе и предмет-пресметка што ќе ги даде количините и начинот на новата реализација односно решавањето на тие косини, по што ќе влезе механизацијата да работи на трасата според новата проектна документација“, рече Бочварски кој посочи дека и во извештајот од фидик-експертот се посочуваат проблеми во техничко-проектната документација.

Министерот додаде дека на делниците на трасата каде нема новонастанати проблеми, градежните работи се одвиваат тековно, а во однос договорот со Синохидро се преговара за новите рокови за реализација, за што јавноста ќе биде дополнително информирана.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ