сабота, 27 јули 2024

Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената

Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената, еден ден откако Советот за безбедност на ОН ја отфрли руската нацрт-резолуција на оваа тема, и по сличното обвинување од Вашингтон до Москва.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тие обвинувања и контраобвинувања ги оживуваат стравовите, исчезнати од Студената војна, за можна трка во вооружување и покрај постоењето на договор за вселената од 1967 година, кој повикува „да не се развива нуклеарно оружје или кое било друго оружје за масовно уништување специјално за поставување во орбитата“ на планетата Земја.

Портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова оцени дека американското отфрлање на нацрт-резолуцијата покажува дека САД имаат цел „да постават оружје во вселената и да го направат арена на воена конфронтација“.

„Новата можност да се спречи трка во вооружување во вселената беше пропуштена по вина на САД и нивните сојузници“, рече Захарова.

Кон крајот на април, САД и Јапонија претставија своја нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН за да се спречи милитаризација на вселената, но Русија стави вето, критикувајќи го фактот дека текстот се фокусира само на еден вид оружје, нуклеарното оружје.

Нацрт-резолуцијата претставена од Русија и Кина во понеделникот, која делумно го содржи и текстот блокиран во април, исто така ги повикува сите земји-членки да преземат „итни мерки“ засекогаш да го спречат поставувањето оружје во вселената и заканата или употребата на сила во вселената.

Сепак, тој нацрт не ги собра деветте гласа потребни за усвојување.

Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд ја нарече руската иницијатива „лицемерна“, велејќи дека Москва сака „да го одвлече вниманието од нејзините опасни напори да постави нуклеарно оружје во орбитата“.

Во февруари Белата куќа рече дека Русија развива антисателитско нуклеарно оружје, обвинувања што Москва ги отфрли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ