петок, 27 декември 2024

Руските компании сè почесто користат биткоин поради западните санкции

Руските компании сè почесто користат биткоин и други дигитални валути за меѓународни плаќања како одговор на западните санкции, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кинеските банки, некогаш клучни посредници во руската трговија, значително ги намалија трансакциите поради стравувањата од загуба на пристапот до американските финансиски пазари. До средината на 2024 година, околу 80% од руските плаќања во кинески јуани наводно биле одбиени или вратени.

Овој потег уследи по законските измени во Русија кои овозможуваат употреба на криптовалути во надворешната трговија за да се ублажи влијанието на санкциите. Москва ги прифати криптовалутите, вклучувајќи го и легализирањето на „копањето“ на биткоин.

Рускиот министер за финансии Антон Силуанов за време на интервјуто за каналот „Русија-24“ потврди дека домашно „ископаниот“ биткоин сега се користи во надворешната трговија како дел од експерименталната рамка.

„Ваквите трансакции веќе се одвиваат“, рече Силуанов, нагласувајќи дека дигиталните валути можат да станат клучна алатка во меѓународните плаќања.

Санкциите значително го ограничија пристапот на Русија до традиционалните финансиски пазари. И САД и ЕУ го забранија извозот на долари и евра во Русија во март 2022 година, намалувајќи ја нивната употреба во трговијата.

Кинескиот јуан првично ја пополни таа празнина, станувајќи најтргувана странска валута во Русија. Сепак, проширените американски санкции насочени кон финансиските институции кои работат со Русија, дополнително ги ограничија опциите за плаќање.

Русија и Кина, наводно, разговарале за трговијата заснована на директна размена на стоки како уште еден механизам за надминување на предизвиците поврзани со санкциите, објави Ројтерс претходно во август.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ