сабота, 27 јули 2024

Руски научник обвинет дека ѝ оддавал тајни на Кина

Објавено на

часот

Сподели

Александар Шипљук, раководител на Институтот за теоретска и применета механика Кристијанович (ИТАМ) во Сибир, е осомничен дека во 2017 година проследил доверлив материјал на научна конференција во Кина, велат изворите.

Овој 56-годишен научник останува на ставот дека е невин и инсистира дека информацијата не била доверлива и била достапна на интернет, пренесува британската агенција. „Тој е убеден во фактот дека информацијата не била тајна, и убеден е во својата невиност“, рекол еден од изворите.

Засега не е соопштена природата на обвиненијата против директорот на ИТАМ, кој беше уапсен во август минатата година. Шипљук е последниот во низата руски научници што беа уапсени во последниве години поради наводно издавање тајни на Пекинг.

На прашањето за обвинувањата со кои се соочуваат експертите од ИТАМ, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека безбедносните служби се претпазливи поради можните случаи поврзани со „предавство на татковината“.

На прашањето за наводите дека Пекинг таргетира руски научници со цел да добие пристап до чувствителни истражувања, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека односите меѓу Кина и Русија се засноваат на „неврзување, неконфронтација и нетаргетирање трети страни“.

„Ова е суштински различно од тоа како функционираат одредени воени и разузнавачки сојузи врз основа на нивниот студеновоен менталитет“, се додава.

Претседателот Владимир Путин повеќе пати кажа дека Русија е светски лидер во хиперсоничните ракети, напредни оружја со капацитет да носат товар со брзина до 10 пати поголема од звукот.

Случаите со научниците од ИТАМ, како и претходните апсења за предавство, покажуваат дека Москва е крајно претпазлива да не ја загуби својата технолошка предност, дури и кон Кина, за која тврди дека ѝ е сојузник и на која, од почетокот на војната во Украина, сè повеќе се потпира за политичка и трговска поддршка.

Минатата година специјалистот за ласери Дмитриј Колкер беше уапсен во Сибир под обвинение за предавство, но два дена почина подоцна од канцер. Неговиот адвокат Александар Федулов минатата недела за Ројтерс рече дека Колкер бил обвинет за предавање тајни на Кина, што семејството на научникот го негираше.

Александар Луканин, научник од сибирскиот град Томск, беше уапсен во 2020 година под сомнение дека му издал технолошки тајни на Пекинг, објави тогаш агенцијата ТАСС. Минатата година тој беше осуден на седум и пол години затвор.

Валери Митко, научник на чело на Арктичката академија на науките во Санкт Петербург, исто така, во 2020 година беше обвинет за оддавање тајни на Кина, каде што редовно патувал за да држи предавања. Починал две години подоцна на 81-годишна возраст додека бил во домашен притвор.

По војната во Украина, рускиот парламент минатиот месец гласаше за зголемување на максималната затворска казна за предавство од 20 години на доживотен затвор.

Случаите на Шипљук и неговите двајца колеги од ИТАМ, Анатолиј Маслов и Валериј Звегинцев, се класифицирани како строго доверливи и ќе се судат зад затворени врати.

Минатата недела светските медиуми објавија информации за истрагите против тројцата научници, откако нивните колеги од ИТАМ потпишале отворено писмо за поддршка, во кое наведуваат дека е невозможно научниците да си ја вршат работата доколку ризикуваат да бидат уапсени за пишување статии или презентации на меѓународни конференции.

Во писмото се отфрла идејата дека научниците споделувале тајни и се истакнува дека целиот материјал што го објавиле или презентирале бил подложен на ригорозна проверка за да се осигури дека не е класифициран.

На веб-страницата на ИТАМ, која се наоѓа во научниот кампус Академгородок во близина на градот Новосибирск, се наведува дека е регистриран како дел од рускиот воено-индустриски комплекс. Институтот имаше широки меѓународни врски, вклучително и контакти со компании, универзитети и истражувачки центри низ светот, според онлајн-документ од 2020 година во кој се опишува неговата работа.

Ројтерс разговарал со двајца американски научници, од кои едниот го познавал Маслов, а другиот Шипљук. Тие рекле дека тие се добронамерни академици, иако нивната област е чувствителна поради воената примена.

Стјуарт Лоренс, професор по воздухопловно инженерство на Универзитетот во Мериленд, рече дека се сретнал со Шипљук во два наврати, вклучително и на конференцијата во 2012 година во Тур, Франција, каде што рускиот научник презентирал труд со Маслов.

„Бев шокиран и згрозен кога дознав дека е уапсен“, рече Лоренс, кој последен пат разменил мејлови со Шипљук во јануари 2021 година. „Тој беше многу почитуван во својата област“.

Џорџ Накузи, авијациски инженер, рече дека Кина во последните неколку години се обидува да ги достигне САД и Русија во областа на хиперсоничната технологија.

Тој нагласи дека тројцата уапсени Руси биле вклучени само во еден елемент од работата потребна за изградба на хиперсонична ракета, процес што вклучува интеграција на сензори, системи за навигација и погони.

„Тоа е долг пат. Ракета не добивате само со основни истражувања“, рече Накузи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ