Американскиот амбасадор Рубен Бриџети им рече на локалните новинари дека Вашингтон е убеден дека руски брод натоварил оружје и муниција во Јужноафриканската Република минатиот декември. „Јужна Африка да ја вооружува Русија е длабоко неприфатливо“, рече Бриџити. „Ова не се потези на неутрална земја“, додаде тој.
Вашингтон постојано ги предупредуваше другите земји да не ја вооружуваат Русија, зашто во спротивно ќе бидат исклучени од најважните меѓународни пазари.
„САД се сериозно загрижени за влегувањето на санкционираниот руски товарен брод во јужноафриканското пристаниште минатиот декември и им го соопштија тоа директно на јужноафриканските власти“, изјави за новинарите заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Јужноафриканскиот претседател Рамафоса потврди во парламентот дека е „во тек“ истрага за бродот Лејди Р. Неговиот портпарол Винсент Магвенја рече дека „досега не е доставен доказ за наводите за испраќање оружје од Јужна Африка во Русија“ и потврди дека е отворена истрага.
Јужноафриканската Република во февруари одржа заеднички воени вежби со Русија и Кина, нарекувајќи ги рутински, но САД и другите западни сили уште тогаш изразија загриженост. Јужноафриканската Република е еден од најважните сојузници на Русија во Африка, но таа остана непристрасна и се воздржа од гласање за резолуциите на ОН за војната во Украина.