сабота, 27 јули 2024

Руската економија е посилна отколку што се чинеше

Руската економија оваа година ќе забележи многу поголем раст отколку што претходно се очекуваше, бидејќи воената потрошувачка на претседателот Владимир Путин поттикнува на поголем раст, соопшти Меѓународниот монетарен фонд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се предвидува бруто домашниот производ на Русија да порасне за 2,6 отсто оваа година, што е значително побрзо во однос на прогнозите на ММФ од октомври, и нешто поспоро од проценетиот раст од 3 отсто за 2023 година.

Зголемувањето за 1,5 процентни поени за руската економија е најголемото меѓу сите економии кои се опфатени во ажурираниот Преглед на светската економија на ММФ, истакнува Фајненшал тајмс и додава дека тоа отвора прашања за ефикасноста на западните санкции кои имаат за цел да ги поткопаат капацитетите на Кремљ да ја финансира војната во Украина.

Весникот истакнува дека прогнозите на ММФ во врска со Русија се попозитивни дури и од предвидувањата на Кремљ бидејќи конзервативната Централна банка на Русија предвидува раст од само 0,5 до 1,5 отсто во 2024 година, што е пад во однос на 2,2 до 2,7 отсто во 2023.

Пјер Оливие Гуринчас, главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд, изјави дека новите проекции се „донекаде прелиминарни“, додека економистите на фондот се обидуваат да ги потврдат руските статистики. „Она што е дефинитивно потврдено е дека руската економија се покажа подобра отколку што очекувавме ние и многу други“, кажа тој за ФТ.

Ова може да се објасни со силното поттикнување кое го пружа владата преку „воената економија“ во Русија, кажа тој. Стабилните цени на суровините помагаат во одржувањето на приходите од извозот поврзан за фосилните горива и претставуваат важен придонес во вкупната активност.

Путин, кој традиционално им ја препушта макроекономската политика на своите технократи предвиде претходно овој месец на еден бизнис собир во Кабаровск дека растот ќе биде дури над официјалната прогноза на Русија.

На глобално ниво, Меѓународниот монетарен фонд благо ја зголеми својата прогноза на економскиот раст, унапредувајќи ги изгледите за САД и за Кина – двете најголеми светски економии – со наведување побрзо од очекуваното смирување на инфлацијата.

„Глобалната економија продолжува да покажува исклучителна отпорност, со инфлација која е во пад и раст кој се одржува. Се зголемуваат шансите за меко слетување“, им кажа Гуринчас на новинарите. „Многу сме далеку од сценариото за глобална рецесија“.

Меѓутоа, како што пренесува Ројтерс, тој предупреди дека остануваат ризиците, вклучувајќи ги геополитичките тензии на Блискиот Исток и нападите во Црвено Море кои би можеле да ги нарушат цените на производите и синџирите на снабдување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ