недела, 20 октомври 2024

Руска новинарка: Путин нема доволно новичок за да ги елиминира сите свои критичари

Објавено на

часот

Сподели

Поранешната новинарка на руската државна телевизија, која стаса во сите светски медиуми кога минатата година упадна во емисија во живо, држејќи транспарент против војната во Украина, даде интервју за Скај њуз, во кое го критикуваше рускиот претседател.

„Мислам дека Путин нема доволно новичок за сите свои противници. Бидејќи, всушност, кога започна војната, многу повеќе луѓе почнаа да зборуваат против режимот и многу повеќе ќе го сторат тоа“, рече таа.

Новичок е воен нервен агенс користен во труењето во Солсбери во 2018 година и нападот врз рускиот опозициски политичар Алексеј Навални во 2020 година.

Овсијаникова, која работеше на Првиот руски канал од 2003 до минатата година, рече дека рускиот претседател може да биде соборен од оние околу него и се осврна на неодамнешните критики на Путин од страна на водачот на приватната безбедносна група Вагнер, Евгениј Пригожин.

Друг лојалист на Путин, Рамзан Кадиров, водач на Чеченската Република како и генерал-полковник на руската армија, исто така ги критикуваше руските сили во Украина.

„Мислам дека Украина ќе почне да победува во војната, а тогаш елитите само ќе ја поделат. Погледнете што се случува сега… што вели Пригожин. И Кадиров, кој секогаш се надоврзува. Се надевам дека системот ќе се распадне одвнатре“, истакна таа.

На прашањето дали руските елити можат да го соборат Путин, Овсијаникова рече дека со опозицискиот лидер Алексеј Навални во затвор, „нема лидер кој може да ги консолидира луѓето“.

„Нема активна организација. Така што мислам дека елитите ќе бидат поделени, не знаеме – можеби нема да биде класичен државен удар. Никој, веројатно, нема да го убие или отруе Путин, но некој од неговиот потесен круг може еден ден да дојде и да каже: „Владимир, војната ја губиме, време е да си одиме“, смета Овјсаникова.

Последниот ден од војната, кога Русија ќе загуби, ќе биде последниот ден на Путин, смета новинарката.

„Тој се плаши за својот живот. Тој е во својот бункер. Тој е изолиран“, додава таа.

Овсијаникова го опиша Навални како „херој“, но рече дека ниту неговата смрт нема да биде доволна за да ги изнесе луѓето на улица. Таа изјави и дека е загрижена за неговото влошено здравје.

„Знаеме дека го мачат. Не дај Боже да умре. Но, мислам дека тоа нема да предизвика некаков вид на масовен протест, затоа што треба да разберете дека рускиот народ е исплашен и ништо не може да ги натера луѓето да излезат на улица. Полицијата е насекаде и само да ја кренете главата од земја, животот ќе ви биде уништен“, вели новинарката.

Овсијаникова се осврна и на притворањето на американскиот новинар Еван Гершкович во Русија, опишувајќи го како начин на Путин да испрати „сигнал“ до странските новинари да се држат настрана од неговата земја.

Сепак, таа рече дека Гершкович би можел да биде ослободен во размена на затвореници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ