недела, 19 мај 2024

Русите ги надградуваат своите стари тенкови со дополнителен оклоп и радио-попречувачи

Руските стари тенкови Т-72, кои поради оклопот за заштита од дронови се познати како „тенкови-желки“, сега се во процес на надградување, пишува Форбс.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

На интернет се рашири снимка од украински дрон на која се гледаат стандарден тенк Т-62, Т-72, Т-80 или Т-90, но со оклоп против дронови, кој е прилично несмасно додаден. Тенкот наводно учествувал во напад на украинските позиции околу населбата Красногоровка на истокот на земјата. Овој тенк, трет ваков кој се појавил на фронтот во последните недели, има дополнителна одбрана од дронови: систем од радио-попречувачи.

Попречувачите теоретски можат да ги блокираат сигналите кои ги користат пилотите на ФПВ дроновите со експлозив. Секој нов систем за електронско војување кој Русите ќе го смислат предизвикува интерес кај украинските војници. Тие сакаат да знаат дали и како работи новиот попречувач.

Кога претходно месецов беше онеспособен руски Т-72 опремен со радио-попречувачи источно од населбата Терна во Доњецк, 12-тата азовска бригада на украинската војска се обидела да го украде тенкот и да ги проучи попречувачите.

Ваквиот тенк, со метални оклопи и попречувачи, би требало да е релативно добро заштитен од стотината илјади ФПВ дронови кои Украинците ги испраќаат во напад секој месец. Тоа големо јато мали експлозивни роботи секој ден внесуваат хаос меѓу руските редови, оценува Форбс.

Ваквите тенкови имаат и сериозни недостатоци. Оклопот го спречува вртењето на куполата, и ја отежнува мобилноста на возилото. Инсталацијата, наводно, остава простор меѓу тенкот и оклопот, а тој простор е повеќе од доволно широк за вешти пилоти и доволно мали дронови.

Според Форбс, еден руски блогер го истакнал „апсолутно лошиот квалитет“ на овие попречувачи. Тие поставени на тенкот Т-72 кој го украле украинските војници биле, според еден од војниците, „импровизирани“, „направени дома“ и „исклучително непрактични“.

Многу кажува и фактот што попречувачите на третиот забележан тенк не го скриле од – дрон.

Таквите тенкови исто така се истакнуваат на фронтот, место каде што различноста може да биде прилично опасна. Никој нема да биде изненаден ако ваквите тенкови бидат уништени токму од оние дронови од кои нивните несмасни оклопи треба да ги заштитат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ