Според ОВД-инфо, Андреј Котов, директор на агенцијата Мен травел, се соочувал со обвинение за „организирање и учество во екстремистички активности“. ОВД-инфо соопшти дека истражителите изјавиле дека Котов се самоубил додека бил во притвор и дека бил пронајден мртов во ќелијата, пренесува Асошиејтед прес.
Пред смртта на Котов, независниот медиум Медиазона месецов објави дека тој ги негирал обвиненијата и се пожалил пред судот дека полицијата го тепала и при апсењето го подложила на електрошокови, иако не давал отпор.
Пред нешто повеќе од една година, Врховниот суд на Русија забрани секаков ЛГБТК+ активизам со пресуда што го означи „меѓународното ЛГБТ-движење“ како екстремистичко. Овој потег го изложи секој што е во или е поврзан со таа заедница на кривично гонење и затвор, создавајќи атмосфера на страв.
ЛГБТК+ заедницата во Русија е под правен и јавен притисок повеќе од една деценија, но особено откако Кремљ испрати војници во Украина во 2022 година. Рускиот лидер Владимир Путин тврди дека војната е посредничка битка со Западот, за која вели има цел да ја уништи Русија и нејзините „традиционални семејни вредности“ преку туркање на правата на ЛГБТК+.